Пациентка од Куманово дошла на Клиника на закажан термин - Докторката и рекла ќе те прегледам во Систина!

Вистинска голгота доживеала 80 годишна пациентка од Куманово која на закажан термин на 27 Јуни дошла на клиниката за Офталмологија во Клиничкиот Центар и никој не сакал да ја прими. Докторката и рекла дека не сака да ја прими и да дојде на преглед во приватна болница, а откако не нашле доктор кој ќе ја превземе како пациент се вратиле назад дома. Нејзиниот внук видно револтиран се обрати до нашата редакција и ни раскажа што се случило:

„Баба ми веќе скоро година дена се мота по болници и чека да и закажат за операција за катаракта на десното око. На последниот преглед во март кај докторката Милена Голубовиќ и беше кажано дека на следниот термин ќе се направат финални подготовки и ќе се закаже термин за операција. И закажаа да дојде на 27 Јуни во 9 часот сабајле, или со други зборови и закажуваат за 3 месеци. 

Доаѓа 27 Јуни и дополнителна компликација ни беше закажаниот протест на ССМ поради кој требаше и да тргнеме порано и да вртиме кругчиња до Скопје за да стигнеме на време. Пристигнавме десетина минути пред 9 на офалмологија, но бидејќи немаше жена на шалтер, пред просторијата за закажаниот преглед (соба 4) дојдовме во 9 и 5 минути. Веднаш влегов внатре и прашав кај е докторката, но ми рекоа дека не е тука и да ја почекаме надвор.пред собата. 

И така седевме добри 2 саата, поминаа милион доктори и повеќето ги прашав каде е докторката или пак каде можам да ја најдам, но добивав одговори од типот тука е и би требало да се појави или пак дека немаат информација. И веќе и почна да снемува пациенти во ходникот, скоро цел се испразни, повеќето завршија ние уште чекавме. Пак пробав да добијам информации каде би можеле да ја најдеме во просторијата број 4, и на крај ми рекоа да се обидам во нејзиниот кабинет кој е подоле во ходникот. Одам таму, среќавам една повозрасна госпоѓа во бел мантил, прашувам дали е таа доктор Милена, ми вели јас сум. И кажувам баба ми има закажан преглед кај вас и дека не можеме да ја најдеме, на што таа ми одговори - а јас работам тука уште 3 дена, нема да можам да ја прегледам, нека дојде во Систина од сега таму ќе работам (подоцна дознав дека ќе работи хонорарно, а оди во пензија). И буквално ме збуни одговорот и почнав да вријам во себе и за да не напраам некој екцес или да имам бурна реакција се тргнав на страна и отидов кај баба ми. И кажав што се случило и влегов во просторијата број 4 (каде требаше да биде прегледот) и ја прашав докторката внатре дали би можела она да ја прими. 

Во тој момент влегува доктор Милена Голубовиќ и направија муабет со докторката внатре за некој од пациентите таму во моментот. Не можев да издржам и ја прашав доктор Милена: Зошто не ја прегледате кога сте веќе тука, на што таа ми одговори: За три дена одам во пензија и нема да можам да ја водам понатаму. Ја прашав повторно: А нели е несериозно да малтретирате 80 годишна жена на горештиниве да доаѓа од Куманово и чека по болници, нели можевте да се јавите бар да кажете дека се откажува прегледот и да бараме друго чаре? Докторката ми одговори дека не било тоа нејзина работа и ми рече да отидеме во амбулантата и оној што е дежурен офталмолог ќе ја превземе како пациент. Си реков тоа е тоа.

Се симнавме со баба ми во амбулантата од каде што на шалтер ни рекоа дека моментално нема дежурен доктор и дека не сме единствени со ваков проблем, и дека сите пациенти на доктор Милена ќе треба да се распоредат. Љубезно ни објаснија каква е ситуацијата и не упатија кај администраторот на офталмогија, бидејќи единствено тој можел да ни помогне.

За да не се малтретира баба ми нагоре надоле, ја оставив да чека во амбулантата и се качив кај администраторот. Влегов во една мала просторија и дечкото кој е на оваа функција љубезно ме пречека и се обиде да ми го реши проблемот. Ми рече дека тој како службеник не е стручен да одлучи кој доктор е стручен да ја превземе, нит па може да му наложи на некого да ја земе како пациент. Го зема извештајот од претходните прегледи и отиде кај докторите кои се моментално на клиника за да се обиде да најде замена за доктор Голубовиќ. По десет минути се врати и ми рече дека за таа дијагноза единствено доктор Милена Голубовиќ била стручна да оперира и дека моментално на Офталмологија нема кој да ја превземе. Ми препорача единствено да се обидам во некоја од приватните клиники и за да заштедиме пари, потребните испитувања да ги правиме на државно, по што јас му се заблагодарив и видел не видел, решив да си одиме. 

Седнуваме со баба ми во кола и она ми вика: Не измалтретираа да чекаме, плативме за преглед што не го направија и сега пак од почеток ќе треба да се вртам по болници. Ми го кажува тоа и ми текна - Па ние плативме за преглед, а не се случи ништо. Ме фати некој инат и си реков, ма не ви ги оставам тие 150 денари. Одам горе на шалтер и во ходникот повторно ја среќавам доктор Милена Голубовиќ.

Збунето ме погледна и ме праша не завршивте работа? И реков дека никој не сака да ја превземе и дека имала комплицирана дијагноза. Таа го зема извештајот од претходниот преглед кај нејзе и ја праша докторката која ако сфатив добро се вика Јана и кажа за каква дијагноза станува збор али докторката рече дека не е нешто што може да го оперира. Ми ги вратија извештаите и тргнавме секој во свој правец. Ми ги вратија парите за прегледот и упатот и се упативме со баба ми кон Куманово. 

Морам да нагласам дека докторката Милена Голубовиќ во ниеден момент не беше дрска и некултурна (како што знаат да бидат докторите по клиникиве), но со самиот факт дека си уште 3 дена на работа односно до пред пензија, а си на работно место, по некоја моја логика значи дека уште треба да работиш и да примаш пациенти, а и на веќе постоечките да им најдеш соодветна замена. А и ваљда ако закажуваш преглед 3 месеца унапред, треба да знаеш кога одиш во пензија и дека нема да можеш тогаш да правиш операција. Ама тоа е само мојата логика, која очигледно во државава не се практикува. 

И да ги тргнеме на страна двете идења и враќања до Скопје-Куманово-Скопје-Куманово СКопје, што на оваа цена на горивата плус патарини и паркинг не коштаат околу 2000 денари. Ќе го баталиме тоа. Ама збориме за 80 годишна жена која има оштетен вид на двете очи и има проблеми со нозете. Значи кога јас ќе видам во влез некоја од повозрасните комшики да носи кеси и да се мачи, или некоја жена со количка и бебе веднаш гледам да помогнам. Рефлексно ми доаѓа. 

А тука гледаме доктори кои положиле заклетва дека ќе помагаат на оние кои тоа им е потребно и гледаат како женава се мачи на горештиниве да дојде за да прогледа повторно и да може повторно нормално да функционира. Али за жал некои доктори не може да се наречат луѓе или пак можеби ја сум лошо воспитан.“

Редакцијата на ЗаСе.мк во наредните неколку денови ќе се обиде да стапи во контакт со доктор Милена Голубовиќ за да добиеме коментар за овој настан. 

Коментари

Популарно