ФОТО: Авион слета на автопат во Словенија

Помал авион попладнево принудно слета на автопатот кај Брежје во правец кон Јесенице во Словенија.

Според полицијата во Крањ, во авионот имало две лица, кои не се повредени. Оттаму додаваат дека е обезбеден делот од патот каде што е извршено принудното слетување.

Според Словенечката служба за безбедност и спасување, околу 14 часот и 30 минути добиле дојава дека авионот принудно слетал на автопатот. Според извештаите, авионот при слетувањето удрил во насип и се превртел.

Луѓето кои биле во авионот успеале сами да излезат од него.

На терен се пожарникари од Крањ и Јесенице, како и членови на доброволната противпожарна служба од Радовљица.

Како што беше кажано на аеродромот во Леска, авионот полетал од нивната писта и се било во ред додека не ја изгубиле комуникацијата со него. За време на летот, пилотот се приклучил на фреквенцијата на словенечката служба за контрола на летање.

Според N1 Словенија, авионот имал проблеми со моторот. Пилотот пријавил дека принудно слетал и тоа го направил на автопатот.

Понатамошната истрага ќе утврди дополнителни детали во врска со овој настан.

Засега е познато дека авионот летал на околу 300 метри надморска височина, на подрачје кое не е контролирано од словенечката контрола на летање и каде претежно летаат спортски авиони.

Коментари

Популарно