Српската влада го прогласи утрешниот ден за Ден на жалост поради настаните во Косово

Владата на Србија на денешната вонредна седница го прогласи утрешниот ден -27 септември за Ден на жалост во врска со трагичните настани на Косово, јави дописникот на МИА од Белград.

Владата на Србија ги замолува сите медиуми и организатори на јавни настани да ја прилагодат својата програма на Денот на жалоста во среда, 27 септември и со тоа да им оддадат почит на жртвите на Косово и Метохија, се вели во соопштението на Владата на Србија.

За разлика од Србија, на Косово, Српска листа прогласи тродневна жалост на Косово.

-Денеска, утре и задутре се денови на жалост во српските заедници во Косово, по повод смртта на наши сограѓани во трагичен настан во Бањска, општина Звечан, се наведува во соопштението на Српска листа.

Во српските заедници на територијата на Косово ќе бидат откажани сите забавни настани организирани од органите и институциите на локалната самоуправа, а српските знамиња на сите институции ќе бидат спуштени на половина копје.

Ова се убиените Срби во Бањска на Косово

Дел од српските медиуми објавија фотографии за кои тврдат дека се од тројца од српските напаѓачи кои загинаа во инцидентот во Бањска на Косово во неделата.

Едниот од нив И.М.(50) бил татко на две деца, а работел како возач на брза помош во Клиничкиот болнички центар во Косовска Митровица. Втората жртва е С.Н.(31) од Звечан. Според локалните медиуми и мештаните, С.Н. бил чесен и добар човек, а вчера бил ранет и им подлегнал на повредите. Б.М., кој исто така беше убиен вчера, пред неколку месеци стана татко, но за жал им подлегна на повредите.

Четврто тело на убиен напаѓач беше пронајдено на 1,5 километар од местото на инцидентот, потврди обвинителот Наим Абази.

Еден од напаѓачите кој беше повреден и однесен во болница во Приштина е опериран и е во стабилна состојба, пренесува српскиот медиум Косово онлајн.

Српската листа на Косово вчера најави дека ќе побара истрага за убиствата на најмалку двајца Срби.

Утринава српската листа прогласи тродневна жалост во општина Звечан.

„По повод трагичните настани и смртта на наши сограѓани во трагичниот настан во Бањска, во општина Звечан, 26, 27 и 28 септември се прогласени за Денови на жалост“.

Косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечља побара од Србија да ги екстрадира српските напаѓачи кои побегнаа по судирот со косовските полицајци на северот на Косово, во кој беа убиени тројца напаѓачи и еден косовски полицаец.

Тој информираше и дека шестмина повредени членови на вооружената група се хоспитализирани во јужниот српски град Нови Пазар, во близина на границата на северот на Косово.

Косовската полиција досега во Звечан заплени 150 парчиња експлозив, динамит, 23 електрични детонатори, близу 20 пригушувачи за АК47 и над 230 магацин за АК47. Покрај оружјето, пронашле и други алатки за работа, шипки, лопати, копачи и рачни пили – околу 50.

Српска листа прогласи тридневна жалост за тројцата Срби убиени во северно Косово

Најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, прогласи тридневна жалост за смртта на тројцата Срби, кои беа убиени во Бањска, по нападот врз косовската полиција во неделата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Преку објава на својата страница на Фејсбук, партијата го нарече настанот трагичен.

Според соопштението, „во српските средини на територијата на Косово ќе бидат откажани сите забавни настани организирани од органите и институциите на локалната самоуправа, а знамињата на Република Србија во сите институции ќе бидат спуштени на половина копје“.

– Од името на Српската листа и српскиот народ од Косово и Метохија изразуваме длабоко сочувство до семејствата на жртвите, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување, се вели во објавата на СЛ.

Група од над триесет вооружени и маскирани лица рано наутро на 24 септември убија еден полицаец и ранија уште еден во селото Бањска, во северно Косово. Во акцијата што уследи на косовските специјалци беа убиени четворица од напаѓачите и уапсени шест лица. Другите членови на групата, меѓу кои имало и ранети, првично се засолнија во православниот манастир во Бањска, а потоа побегнаа во Србија, соопштија официјални косовски извори.

Популарно