Почина Кирил Дојчиновски, едно од најголемите имиња во историјата на македонскиот фудбал!

Почина едно од најголемите имиња во историјата на македонскиот фудбал, Кирил Дојчиновски. Македонскиот, балканскиот но и светскиот фудбал останаа без една своја огромна легенда која во многу што ја задолжи најпопуларната спортска игра.

Кирил Дојчиновски, роден на 17. октомври 1943 година во Скопје, ќе остане засекогаш запаметен во историјата на македонскиот спорт како првиот Македонец кој бил дел од Светските фудбалски првенства. На Мундијалот во 1974 година во Западна Германија, Дојчиновски тогаш како фудбалер на белградска Црвена Звезда остана забележан како првиот македонскиот фудбалер повикан во екс-југословенскиот состав.

Своите фудбалски почетоци ги бележи во Вардар, каде настапува пет сезони во периодот од 1962 до 1967 година. Притоа во дресот со црвено-црните бои има одиграно вкупно 218 натпревари и настапено на 132 првенствени средби.

Потоа се сели во белградска Црвена Звезда (1967 – 1974) достигнувајќи го врвот на својата слава. Од Црвена Звезда, потврдувајќи ги своите огромни фудбалски квалитети, продолжува во една од најсилните лиги во светот, во француските Тројс и ФЦ Париз.

Во периодот од 1970 до 1974 година беше стандарден член на репрезентацијата на поранешна СФРЈ предводена од Миљан Миљаниќ. Четирикратен шампион на Југославија со Црвена Звезда, освојувач на Митропа купот, полуфиналист во Купот на европските шампиони со Црвена Звезда во сезоната 1970/71 и четвртфиналист во сезоната 1973/74.

По завршувањето на играчката кариера стартува со тренерска кариера. Како тренер е двократен шампион на Ел Салвадор со Луис Фирпо, и селектор на репрезентацијата на Ел Салвадор. Потоа ја презема клупата на својот Вардар, но беше тренер и на грчки Ираклис, како и на македонските клубови Пелистер, Македонија ЃП, Брегалница Делчево и Брегалница Штип. Карариера ја заврши таму од каде што ја и почна, како тренер на својата најголема љубов, ФК Вардар, во сезоната 2007/08 кога се нафати на предизвикот во една од најтешките пресвртни години во историјата на клубот.

Кирил Дојчиновски, поради огромните заслуги за македонскиот фудбал, е добитник на бројни признанија меѓу кои и Наградата за животно дело од Македонскиот олимписки комитет, како и признанието од белградска Црвена Звезда, за една од најголемите легенди во историјата на клубот. Минатата година го доби и признанието на ЕКИПА, добивајќи место меѓу 10 најголеми спортисти во историјата на Македонија со наградата „Врвен ас – еден од нас“.

Поради желбата за присуство на бројни фудбалски имиња, клубови и делегации од Македонија и од регионот, дополнително ќе биде одреден терминот за погребот и оддавање последна почит за Кирил Дојчиновски.

извор: ekipa.mk

Коментари

Популарно