Проектот „Замисли желба“ во Националната галерија

Националната галерија на Македонија на крајот од годината, во октомври и ноември, го реализира проектот насловен „Замисли желба“.

Станува збор за креативни работилници за изработка на лампиони и други декорации од мали парчиња текстил, кои се остатоци од кроење или се неупотребливи од други причини. Материјалите за изработка на лампионите, како и други помошни материјали, овој пат беа донирани од модната куќа „Бела“. Тие се реупотребуваат, редизајнираат и се претвораат во оригинални и необични креации, каде што секое од децата се изразува на свој и уникатен начин.

Проектот е значаен бидејќи има еколошки пристап кон дизајнот и претвора нешто старо во нешто сосем ново и впечатливо. Покрај еколошката, проектот има и високоопштествена свест. Со овој проект се поттикнува учеството на бизнис-заедницата, да ги откупи декорациите, а средствата да бидат наменети во хуманитарни цели за фондацијата „Марко Божиновски“. Оваа фондација има цел да обезбеди соодветна поддршка, станува збор за животна средина со спортска содржина за деца и млади од социјално маргинализирани средини да имаат можност да се вклучат во светот на спортот.

Во креативните работилници, кои се реализираат во објектот „Чифте-амам“, можност за креативен израз имаат деца со попреченост, учествуваат ученици од основното, средното и високото образование.

Учесници во проектот се: Дневен центар за лица со Даунов синдром, ОУ „Климент Охридски“, ОУ „Невена Георгиева-Дуња“, ОУ „Лирија“, ОУ „Хасан Приштина“, ОУ „Ѓорѓија Пулевски“, ОУ „Кочо Рацин“ и ОУ „Братство“, гимназиите „Орце Николов“, „Јосип Броз-Тито“ (паралелката за меѓународна матура), „Никола Карев“, „Св. Наум Охридски“, Машинскиот факултет, отсек Индустриски дизајн, Педагошкиот факултет „Св.Наум Охридски“, универзитетот „Мајка Тереза“.

Координаторка на проектот е Маја Димитрова.

Коментари

Популарно