Напад на паника и срцев удар? Лекарка објасни како да ги разликувате симптомите

Често е тешко да се направи разлика помеѓу паника и срцев удар, што може да предизвика дополнителна паника и стрес.

Симптомите се појавуваат одеднаш: чувствувате притисок во градите, срцето ви чука побрзо и почнувате да се потите. Ако сте ги почувствувале симптомите на напад на паника, сигурно сте мислеле дека се работи за срцев удар.

Паниката му штети на кардиоваскуларниот систем

Често е тешко да се препознае разликата, а тоа може да предизвика дополнителна паника и стрес. Овие настани се сериозни и важно е да научиме како да ги разликуваме симптомите за правилно да се лекуваат. Кардиологот Мистијан-Блу Милер објаснува дека овие две состојби се различни, но и по што се слични.

Симптоми на срцев удар

Тоа е состојба кога срцето не прима доволно крв, а вообичаените симптоми вклучуваат: болка и притисок во градите, брзи отчукувања на срцето, ладна пот, болка во горниот дел од телото (вилица, рака), отежнато дишење (краток здив), гадење или повраќање и чувство „пропаѓање“.

Срцевиот удар може да биде многу опасен, затоа не чекајте симптомите сами да исчезнат, туку веднаш побарајте лекарска помош.

Симптоми на напад на паника

Нападот на паника е ненадеен напад на голем страв или вознемиреност (анксиозност) кај некоја личност, обично предизвикан од некоја траума или непријатен настан. Иако нападите на паника сами по себе не се опасни по живот, тие во голема мера го попречуваат квалитетот на животот и психолошката благосостојба. Луѓето кои имаат редовни или чести напади на паника може да имаат панично растројство, еден вид на анксиозно растројство. Но, секому може да му се случи изолиран напад на паника, дури и без дијагноза на панично растројство, известуваат од Клиниката во Кливленд.

Може да му се случи на секого и симптомите често вклучуваат: силно чувство на страв или вознемиреност (анксиозност), болка во градите, проблеми со дишењето, чувство на „проспаѓање“, забрзано чукање на срцето, потење, треперење на телото, вртоглавица или слабост, болка во стомакот или гадење.

Бидејќи симптомите се многу слични, важно е да се препознае разликата, вели д-р Милер.

Како да се разликуваат симптомите на напад на паника и срцев удар?

Место на болка: Иако и во двата случаи ќе се појави непријатно чувство во градите, кога станува збор за срцев удар болката се шири и на други места, како што се раката, вилицата или вратот, вели д-р Милер и додава дека ако е во прашање напад на паника, болката најверојатно ќе остане само во пределот на градниот кош.

Вид на болка: Во случај на срцев удар, се појавува чувство како слон да ви стои на градите, може да се појави чувство слично на рефлукс. Нападот на паника често предизвикува чувство на прободување, што не е често кај срцевиот удар. Се појавува и непријатно чувство во градите кое тешко се опишува, заедно со забрзано работење на срцето.

Предизвикувачи: Срцев удар често се случува по физички напор или замор, што не е случај со нападот на паника. Значи, срцев удар може да настане откако ќе го исчистите снегот, но нема да дојде до напад на паника, освен ако не постои и емоционален стрес како компонента.

Коментари

Популарно