Денес се празнуваат овие светители

Почеток на црковната година

Првиот Вселенски Собор определи црковната година да почнува на 1 септември. Месецот септември кај Евреите беше почеток на граѓанската година (Исх. 23, 16), месец на собирање на плодовите и принесување жртви на благодарност кон Бога. Во времето на ова празнување Господ Исус влезе во синагогата во Назарет и ја отвори книгата на Пророкот Исаија и ги прочита зборовите: „Духот Господов е врз Мене; зашто Господ Ме помаза за да им благовестам на бедните, Ме испрати да лекувам скрушени по срце, да им проповедам на заробените отпуштање и на слепите прогледување; да ја проповедам благопријатната Господова година и денот за одмазда на нашиот Бог“ (Исаија 1 – 2). Уште овој месец септември е значаен во историјата на христијанството по тоа што во него царот Константин Велики ја однесе победата над Максенциј, непријателот на Христовата вера, а на таа слобода ? уследи слободата на христијанската вероисповед во целото римско царство. Долго време во христијанскиот свет и граѓанската година беше сметана од 1 септември; на 1 јануари се премести најпрво во Западна Европа, а потоа во Русија, во времето на Петар Велики.

Тропар

Создателу на сите твари, Кој времињата и годините во Своја власт ги положи, благослови го венецот на годината на Твојата добрина, Господи, запазувајќи го благоверниот народ во мир, и градот Твој, по молитвите на Богородица, и спаси н?.

Кондак

Христе Цару, Кој живееш во висините; Создателу и Градителу на с? видливо и невидливо, Кој си ги создал деновите и ноќите, времињата и годините, благослови го и сега венецот на годинава, сочувај го и запази го во мир православниот народ наш, градот (селото) и луѓето Твои, Многумилостиве.

Преподобен Симеон Столпник

Родум Сириец, од родители селани. Во својата осумнаесетта година побегна од родителите и се замонаши. Се предаваше себеси на најтешки подвизи, понекогаш постејќи по четириесет дена. Потоа се предаде на особен подвиг: имено, деноноќно сотеше на столб, во непрестајна молитва. Неговиот столб најпрво беше висок шест лакти, потоа му подигнаа еден од дванаесет, па од дваесет и два, па од триесет и шест, и најпосле столб висок четириесет лакти. Мајка му Марта двапати доаѓаше да го види, но тој не ја примаше, туку од столбот ? рече: „Не ме вознемирувај сега, мајко, ако се удостојам ќе се видиме во оној свет.“ Свети Симеон претрпе безбројни напади од демоните, но сите ги победи со молитва кон Бога. Овој светител изврши големи чуда и мнозина болни ги исцели со збор и со молитва. Околу неговиот столб притекнуваше народ од сите страни, богати и сиромашни, цареви и робови. И тој им помагаш на сите; на некои враќајќи им го телесното здравје, на некои давајќи им утеха и поука, а некои изобличувајќи ги заради нивната еретичка вера. Така ја одврати царицата Евдокија од Евтихиевата ерес и ја приведе кон Православието. Свети Симеон се подвизуваше за време на царевите Теодосиј Помладиот, Маркијан и Лав Велики. Овој прв столпник во христијанството и голем чудотворец поживеа сто и три години и се упокои во Господ на 1 септември, 459 година. Неговите мошти се пренесени во Антиохија, во црквата посветена на неговото име.

Тропар

Симеоне, свети подвижниче, подвиг пред Господа голем принесе, надминувајќи ја човечката природа на столб се подигна. Пастирот Христос преку тебе светилник на столбот постави, да свети по сите краишта земни, да се распространува светлината Христова, преку душа која Нему Му е угодна, по твоите молитви, отче свети, да се соберат сите од Бога создадени, и да поверуваат во Неговата сила спасителна.

Свети Исус Навин

Водач на еврејскиот народ после смртта Мојсеева. Тој и Халев единствени од неколкуте стотици илјади Евреи влегоа во Ветената Земја. (За неговата верност кон Бога, за неговите чуда и дела, читај во Книгата на Исус Навин). Поживеа сто и десет години и се упокои околу 1440 година пред раѓањето на Исус Христос.

Тропар

Господ беше со тебе, Исусе Навине, заради праведноста света твоја: сонцето те послуша, Јордан се раздели, и земјата ветена во наследство ти припадна, каде народот Израелски глава потслони. Радувај се, Божји слуго, и пред престолот на Вишниот застапи се, имајќи ги за помошници вишите сили небесни.

Коментари

Популарно