Денеска се празнува Светиот маченик Агапиј и седумтемина со него

Сите пострадаа од кнезот Урбан во Кесарија Палестинска во времето на царот Диоклецијан. Сите седуммина, освен Агапиј, беа сосем млади луѓе, а сè уште не беа христијани. И никогаш не се крстија со вода, но се крстија со крв.

Еден ден овие седуммина момчиња гледаа како ги мачат христијаните, едни на оган, други на бесилки, трети пред ѕверови, па гледајќи ги како поднесуваат маки со трпение, се распалија со ревност по Христа, самите себеси си ги врзаа рацете наопаку и така врзани дојдоа пред Урбан велејќи: „И ние сме христијани!“

Залудни беа ласкањата и заканите на Урбан. На овие момчиња им се придружи и угледниот граѓанин Агапиј, кој дотогаш доста страдаше за Христа и почна уште повеќе да ја распалува кај нив верата и љубовта кон Господа. Беа сите убиени со меч во 303 година, кога заминаа во Небесното Царство на Господ Христос.

Зошто понекогаш треба да се пости?

Освен религиски причини за постење, постовите се и еден од трендовите во исхраната.

Од памтивек во многу цивилизации и религии, гладувањето е познато како едно од „средствата“ за прочистување – физичко, психичко, спиритуално.

Во Стар Египет постоела примена на т.н. „тераписко гладување“ кое било спроведувано низ подолг период, со цел јакнење на организмот. И Хипократ, како „Татко на медицината“, верувал дека гладувањето е одличен начин за прочистување на организмот и одмарање на системот за варење, кој го сметал за речиси најважен органски систем. Во текот на 19.век гладувањето било прилично популарно како терапија, односно начин за детоксикација на организмот.

Моделот на испрекинат пост е исхрана која има упориште во модерната наука, а подразбира ограничено време за внесување на храна во текот на денот и подолг пост преку ноќта.

Истражувањата спроведени на животни и помал број истражувања врз луѓе покажале дека таквиот начин на исхрана поволно влијае на чувствителноста на исулин, на функцијата на бета-клетки на панкреасот кои произведуваат инсулин, како и на крвниот притисок, оксидативниот стрес и апетитот.

Дури и минимални промени во ритамот на исхраната- на пример, внесувањето храна во текот на 11 часови и гладување во текот на 13 часа во денот- можат да предизвикаат позитивни промени.

ВО ТЕК Е ВЕЛИГДЕНСКИОТ ПОСТ

Велигденскиот пост е најстрогата форма на постење. А постот значи воздржување телесно и духовно: воздржување од мрсна храна и од гревовност. Во постот ние му даваме предност и поткрепа на духовното пред телесното. Тоа е време за повеќе молитва и за повеќе добри дела. Време за откажување од гревот и за покајание.

Во Велигденскиот пост не се прават свадби, ниту се дозволува венчавање.

Телесниот пост значи во сите дни воздржување од месо, млеко, јајца и производи со нив, односно од сè што содржи месо, млеко и јајца, а во одредените денови, воздржување и од масло и од вино. Храната доминантно е од растително потекло.

Иако, само во сабота и недела е дозволена храна со масло (зејтин), а во другите денови без масло, сепак, има и ублажување на постот, кога е тоа потребно. Ако е човекот болен, слаб и немоќен, може да добие благослов, да пости со зејтин, млеко и риба. Тоа се однесува и на малите деца до 7 години, но и на длабоката старост, како и за луѓето во посебни услови и состојби, како што се болестите, затворите, армијата, војните, бремените, леунките, доилките, патниците и сл.

Во таквите случаи постот може да се ублажи. Благословот за тоа се добива од православен свештенослужител. Од постот не се ослободува, туку тој се олеснува. Никако не се допушта месо.

Светите отци постот го нарекуваат мајка на здравјето, а и современиот начин на исхрана сè повеќе му придава значење на постот, односно на откажувањето од храната со животинско потекло.

Постот е потреба и за телесното и за духовното здравје. И најважно, постот не е само воздржување и одрекување од храна, туку е важен и духовниот пост – одрекувањето и воздржувањето од секое зло и грев. Во тие дни треба да се испитаме себеси, да се воздржиме од лошите мисли, зборови и дела, да се покаеме и да се исповедаме. Да се измириме и да се очистиме. Духовно да се зајакнеме и да се збогатиме. Да правиме добри дела и да покажеме љубов кон Бога и кон луѓето.

Од телесниот пост може да бидеме и ослободени, но од духовниот пост – никако и никој, од никого, па дури ни ангел од небото не може да нè ослободи.

Велигденскиот пост завршува пред Страстната седмица која се издвојува во посебна седмица на страданијата. Постот, според поставениот ред, ги завршува своите 40 дена во петокот пред Лазарева сабота (во VI седмица).

Тие последни денови пред Велигден се поминуваат во строго постење, според зборовите на Господ Исус Христос, којшто рекол: „Но, ќе дојдат дни, кога ќе се оддели од нив младоженецот и тогаш, во тие дни, ќе постат“ (Лука 5,35; Марко 2,19-20; Матеј 9,15).

Апостолските правила, Велигденскиот пост го нарекуваат Велика/Голема Четириесетница на која се надоврзува Страстната седмица, постејќи со страв и трепет.

„Четириесетница е до седумте дена пред Пасха. Потоа, шесте дни до Пасха целиот народ ги поминува во сувојадење“, вели свети Епифаниј Кипарски.

На Велики Четврток, се јаде еднаш дневно и тоа по завршувањето на Светата Литургија.

На Велики Петoк, по своја волја, некои верници не јадат ништо до зајдисонце.

Велика Сабота е единствената сабота во која се пости со пост на вода, а оние што можат, остануваат цел ден на суво јадење.

Постот не е диета. Неговата цел и задача е друга. Не се пости за да се слабее, туку за да се зајакне духот и за да се претпочита духовното над телесното. Но, се разбира, тоа воздржување во текот на постот може да придонесе и за зацврстување на волјата и за решеноста да се храниме поумерено и поздраво.

Добро е да се користи разновидна храна и за време на постот. Сите сме различни во односот кон храната и во односот на храната кон нас и кон нашиот организам. За некого храната се лепи веднаш, а за друг не. Важно е и воздржувањето од количината во исхраната. Таа навика ќе помогне.

Сигурно е дека постењето е здраво и корисно.

Во текот на Велигденскиот пост има повеќе празници

Започнаа велигденските пости.

За време на велигденските пости покрај вообичаените конзумирања храна од растително потекло, житарици, зеленчук и овошје, постојат и одредени карактеристични продукти што се подготвуваат само во одредени денови за време на постите.

Во текот на седумнеделниот период на Велигденскиот пост има повеќе празници. Во првата недела од великите пости, од понеделникот до средата се деновите наречени тримери кога не се конзумира никаква храна ниту течност. Одредени продукти од храна се подготвуваат за денот по завршувањето на тримерите, што е третиот ден од почетокот на великиот пост.

Во средата, кај оној што ги „држел” тримерите и каде што имало млада невеста, доаѓале гости. Домаќинката за таа прилика има подготвено варена пченица со конопни зрна, ошав – компот од црни сливи и друго сушено овошје (јаболко, суво грозје, диви сливи), кравајче од пченично брашно замесено со пепелница, украсено со бонбони. Се месело, исто така, и пита-зелник, со зеље, одозгора посолено со сусам додека на дното од тепсијата се ставале сецкани ореви. Задолжително за таа прилика како пијалок се носело и боза. Гостите што доаѓаат на посета исто така носеле боза, кравајче и пченица. Во оваа прилика се купувало и сезонско овошје, особено портокали.

Првата сабота после прочка е празникот Тодорова сабота- Тодорица, а саботата пред Велигден е Лазарова сабота, а во неделата се Цветници. Празникот Благовештение секогаш е на 7 април.

За празниците Благовец и Цветници дозволена била употреба на посни меса во кои спаѓаат рибата и полжавите. Рибата печена или пржена на масло, или подготвена со ориз или, пак, со запржен кромид и суви црни сливи, била скоро задолжително подготвувана во овие денови. Полжавите се печеле или се вареле како готвено јадење со зеленчук.

Сепак велигденскиот пост не значи само одрекување од храна. Важен е и духовниот пост. Верниците во деновите на постот треба да се воздржат од лоши мисли и дела, и да се обидат да најдат духовен мир, без што постот нема смисол.

Популарно