Се судрија два „воза на смртта“ на Октоберфест

Осум лица се полесно повредени во несреќа на затворен тобоган на Октоберфест во Минхен. Синоќа на првиот ден од 18-дневниот фестивал се судриле две композиции, извести полицијата. Возењето – наречено Хеленблиц или Пеколна молња – останува затворено во очекување на истрага, соопшти полицијата.

Лекарите рекоа дека повеќето од повредите се модринки, а три лица се пренесени во болница за дополнителна евалуација. Еден од возовите бил во мирување кога возот што се приближувал полека тргнал наназад од непознати причини, изјави директорот на атракцијата Вили Отенс за ДПА во неделата.

Во секој од возовите имало по 30 луѓе, рече тој. „Имаше помал судир меѓу двата воза, сите луѓе излегоа сами“, рече Отенс. Познатиот фестивал на пивото Октоберфест се одржува секоја година во Минхен, привлекувајќи милиони национални и меѓународни посетители во главниот град на Баварија неколку недели во септември и октомври.

Фестивалот вклучува бројни карневалски атракции. Според Отенс, Пеколна молња е најголемиот патувачки тобоган во затворен простор во светот.

Коментари

Популарно