ШОКАНТНО: „Сите ќе ве стрелам, само тебе ќе те оставам жив“ – „шегите“ на Палчо од претходно навестувале за каков психопат се работи

По обелоденувањето на двојното убиство, се проверуваат нерасветлени случаи, какошто е исчезнувањето на скопјанецот Роберт Плескоњиќ пред точно 2 години, кој претходно имал интензивна комуникација со Љупчо Палевски-Палчо, главен осомничен за ликвидациите на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска, пишува „Фокус“.

Откако Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишев признаа дека биле дел од криминална група предводена од Љупчо Палевски-Палчо, кој, според нив, го извршил убиството на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска, се чека да заврши екстрадициската постапка за Палевски, за да се расчисти целата слика околу мотивот и другите аспекти на грозоморното злосторство. На почетокот на годинава, „Фокус“ пишуваше дека клучен момент за решавање на случајот се проверките на возилото на Панче откако тоа било опожарено, по што било доведено во корелација со Палевски и неговата дружина, па клопчето почнало да се одмотува. Воедно, обелоденивме сознанија дека по двојното убиство се проверуваат нерасветлени случаи, како што е исчезнувањето на скопјанецот Роберт Плескоњиќ пред точно 2 години, кој претходно имал интензивна комуникација со Палчо.

„Сите ќе ве стрелам, само тебе ќе те оставам жив“ – вакви и слични фрази и реплики често знаел да користи Љупчо Палевски – Палчо, додека седел во некои од скопските кафулиња и разговарал со пријатели и познаници.

Иако неретко тоа го правел и со пиштол на маса, веројатно со истиот оној со кој неодамна бил фатен како трага по злато, главно сите се смееле на овој избор на зборови на Палчо, бидејќи во нив не препознавале ништо повеќе од обид за хумор.

Арно ама, сѐ се промени откако Палчо стана осомничен за двојно убиство, односно откако од своите соработници беше посочен како убиец на 74-годишниот фризер од Велес, Панче Жежовски, и на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје.

Моментално, Палевски се наоѓа во Турција и чека екстрадиција, а неговите тројца соучесници во грозоморното злосторство го означија како главен организатор на групата и воедно ликвидатор, кој ги испукал смртоносните куршуми.

По ваквиот развој на настаните, многумина останаа шокирани како познат лик како Палевски, кој бил дел од политичкиот живот, од бизнис-сцената, но и од „скопскиот асфалт“, би можел на суров и ладнокрвен начин да убие беспомошен старец и малолетно девојче.

По овие сознанија, на сите многу поинаку им одѕунуваат неговите „шеги“ од типот „ќе те стрелам“. Она што се поставува како главно прашање веќе не е дали Палчо ги има отстрелано Панче и Вања, бидејќи тоа веќе се наметна како апсолутна вистина, и покрај тоа што истрагата е во тек и сѐ уште нема ниту обвинение, а камоли пресуда.

Туку, сега дилемите се движат околу тоа што ги мотивирало злосторниците да ги извршат овие убиства и кои биле сите околности и аспекти на настаните? Поради свирепоста на убиствата, се наметна и уште едно логично прашање…

Дали ова се единствените 2 убиства на Палчо или, пак, фигуративно кажано, тој има многу повеќе крв на рацете? Додека дел од експертите бараат да биде истражено и убиството на малолетно девојче кое пред неколку децении било пронајдено закопано на иста локација како и Вања, „Фокус“ открива дека еден друг случај влегол во радарот на надлежните органи.

Имено, пред точно 2 години, во скопската населба Аеродром, мистериозно исчезна лицето Роберт Плескоњиќ, од кого до ден денес нема ниту трага, ниту глас. Пред да се случи тоа, според потврдени информации на „Фокус“, Плескоњиќ имал контакти и интензивна комуникација со Палчо.

Првично, немало никакви сомнежи кон Палчо за исчезнувањето на Плескоњиќ, но убиствата на Панче и Вања фрлаат нова светлина. Дали и таму Палчо вмешал прсти? Нашите извори говорат за неколку заеднички точки меѓу нив двајца, во кои би можело да се крие мотив за таков злочин.

Извор: Фокус

Коментари

Популарно