Активиран системот „Најди ме“ во Србија по исчезнувањето на двегодишно девојче во Бор

Двегодишното девојче Данка Илиќ денеска попладне исчезнало во околината на градот Бор во Источна Србија, по што во земјата по првпат е активиран системот „Најди ме“ (Amber Alert) со кој јавноста веднаш се известува за исчезнување на дете. 

Девојчето, како што се наведува во соопштението на системот, исчезнало во приградската населба Банско Поле во околината на Бор. Како што јави српскиот национален сервис (РТС), на терен се припадници на полицијата, пожарникари спасувачи, членови на доброволно противпожарно здружение и на планинарската служба за спасување. Се очекува од Ниш да пристигнат и припадници на Жандармеријата со кучиња трагачи.  

Во акцијата се вкучиле и граѓани на Бор, пријатели и членови на семејството на исчезнатото девојче. Во потрагата во која се користат и дронови со термокамери, според РТС, учествуваат околу 2 000 луѓе. Според српскиот национален сервис, девојчето исчезнало околу 13 часот на непристапен терен, обраснат со густа шума.

Системот „Најди ме“ или Ambert Alert, кој постои во повеќе земји, е наменет за итно известување на јавноста во случај на исчезнато дете. Тој овозможува брза дистрибуција на информации до сите граѓани, кога полицијата ќе оцени дека нивното објавување може да помогне за пронаоѓање на детето. Итното известување подразбира испраќање порака за исчезнувањето со сите релевантни информации, прекин на ТВ- и радиопрограми, испраќање СМС-пораки до сите граѓани, прикажување на информацијата на екрани на автопатиштата, аеродромите, железничките и автобуските станици.

Коментари

Популарно