Гаши се пишмани: Мојата татковина е Северна Македонија

Објаснување наместо извинување. Претседателот на Собранието бил погрешно разбран, а неговата изјава била искривена од медиумите за да привлечеле внимание.

По вчерашната прозивка од мандатарот Мицкоски, и барањето да им се извини на граѓаните сега ја смени татковината.

-Како претседател на Собранието на сите граѓани на Република Северна Македонија, сакам да појаснам дека Африм Гаши е роден во Скопје, каде живее и работи со своето семејство, а негова татковина е Северна Македонија, вели Гаши.

Проблемот бил во погрешно толкување на албанскиот јазик, иако преводот дојде токму од телевизија која продуцира програма и на албански и на македонски јазик. Вели, точната изјава била „Косово е родно место или татковина на моите родители и јас го почитувам како такво заради нив“.

-Верувам дека се разбираме доволно добро за да не бараме детални објаснувања за поимите како родно место, татковина или мајковина, бидејќи албанскиот јазик користи и сложена именка што комбинира мајка и земја. За мене најважно е преку нашите постапки да покажеме како ја гледаме нашата земја, која е нашата посветеност кон неа, кои се нашите придонеси и да правиме разлика меѓу оние кои ја градат и збогатуваат и оние кои ја уништуваат и крадат таа. Од тврдењата и изјавите за патриотизам граѓаните немаат никаква корист, а ние не сме тука да се натпреваруваме кој е по патриот. Јас не уживам во такви дебати и ова е мојата конечна изјава за оваа тема, појаснува Гаши.

Гаши на позицијата претседател на Собранието дојде на 28 мај. За него поддршка дадоа 76 пратеници, против беа шест, а воздржани немаше.  Предлогот токму тој да биде првиот меѓу еднаквите во Собранието дојде со потписи од 75 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ.

Коментари

Популарно