Македонија останува без едно од трите природни езера, алармира професорот Трајковски

Професорот Дејан Трајковски, од Техничкиот факултет во Битола, преку објава на својот фејсбук профил алармира за исчезнување на едно од трите природни езера во земјава.

- Јули 2024. На Преспанско Езеро му се случува забрзано исчезнување. Во однос на ланскиот 5 јули, нивото е пониско за цели 39 cm, иако според досега воспоставената динамика на намалувањето беше очекувано намалување од околу 18-20 cm. При површина на езерото од околу 258 квадратни километри, за една година се неповратно изгубени околу 100 милиони кубни метри вода, од што половината се непланирани, односно повеќе од повеќегодишниот тренд. Истовремено може да се констатира дека количеството на снежни врнежи на планините минатата зима потфрлило, што директно се одразило и на езерото, констатира тој во својата објава.

Додава дека летнава сезона езерото ја започнува од многу ниска стартна позиција.

- До крајот на ноември, кога што се очекува годинешниот минимум, се очекува спуштање на нивото за околу 55 cm, што може да го одведе нивото на нов стогодишен минимум, најмалку до кота -525 cm. Доколку се оствари ова ужасно сценарио поради отсуство на врнежи и при сегашната загуба на водата, ланскиот минимум би бил пробиен за дури 30-35 cm, анализира професорот Трајковски. 

Тука се работи за природна стихија што не можеме да ја сопреме, но доколку се сопре исцрпувањето на водата заради наводнување, можеме барем малку да го подзабавиме ова исчезнување на езерото пред нашите очи, алармира тој во својата анализа.

Коментари

Популарно