Изминатата недела 45 случаи на Ковид-19, починати две лица

Регистрирани сe 45 нови позитивни случаи на Ковид-19 од 23 до 29 септември. Пријавени се две починати лица со Ковид-19, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), објавен попладнево.

- Во тековната недела, регистрирани се заболени лица во општините од 10 градови. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, a највисока инциденца е регистрирана во Демир Хисар. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, со најголем број случаи пријавени во возрасната група над 60 години. Во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 68 лица. Во текот на минатата недела, пријавени се две починати лица асоцирани со Ковид-19, од Демир Хисар и Охрид, од возрасната група над 65 години. Лицата се вакцинирани со две и три дози против Ковид-19, поминати се три години од последната доза вакцина, со регистрирани коморбидитети. Едното позитивно лице е починато во болнички, а другото во домашни услови, појаснуваат од ИЈЗ.

Годинава, заклучно со вчерашниот ден, регистрирани биле вкупно 1.669 заболени и 23 починати лица асоцирани со овој вирус.

Од појавата на првиот случај на Ковид-19 во Република Северна Македонија, на 26 февруари 2020 година, а заклучно со вчерашниот ден, пријавени биле вкупно 351.985 заболени со Ковид-19 и 10.002 починати лица асоцирани со него. Најголем дел од заболените биле регистрирани во Скопје, Битола и Куманово, а највисок морбидитет бил регистриран во Кавадарци. Највисок морталитет бил регистриран во Охрид, Кавадарци и во Прилеп. Највисок леталитет во Струга и во Крива Паланка.

- Се препорачува следење на основните мерки за превенција на Ковид-19 и останати респираторни заразни заболувања. Вакцинацијата останува специфична превентивна мерка обезбедувајќи заштита од тешки форми на болест, иако овој заштитен ефект со тек на време се намалува. Продолжува препораката за вакцинацијата на лицата со висок ризик од тешки форми на болест и лош исход - како што се повозрасните лица, се додава во извештајот на ИЈЗ.

Коментари

Популарно