Членовите на фудбалскиот клуб Ретимниакос од грчкиот остров Крит, останале без нивната опрема, што ги вклучува и дресовите, додека со траект патувале кон Атина за одигрување натпревар од третата фудбалска лига на Грција, а торбите, како што објавија од тимот на Фејсбук, им ги украле патници од Романија, јави дописничката на МИА од Атина.
Опремата била украдена од специјалниот простор за багаж во траектот што сообраќал од градот Ираклио кон атинското пристаниште Пиреас, а Романците, како што објаснија од ФК Ретимниакос, „преправајќи се дека се членови на тимот, ги зеле торбите, ги натовариле во комбето со кое патувале и исчезнале во непознат правец“.
Фудбалерите натпреварот го одиграле со позајмени дресови од домашниот тим од Атина, а кусо пред завршувањето на дуелот, биле информирани дека опремата била пронајдена.