Извештај на ЕК: Здравството во Северна Македонија еден од најголемите корисници на буџетот - инспекциските служби ранливи на корупција

Здравството е еден од најголемите корисници на националниот буџет, а инспекциските служби се ранливи на корупција. Нема ефективни критериуми за означување цени на здравствени услуги или лекови. Процедурите за лекување во странство не се ниту транспарентни, ниту објективни. Трошоците за здравство од сопствен џеб се високи, што е бариера за еднаков пристап до здравството, се само дел од состојбите во државава, констатирани во Извештајот на Европската комисија (ЕК) за нејзиниот напредок во 2024 година.

Иако примарното здравство во Северна Македонија е обезбедено бесплатно, ЕК наведува дека неговото финансирање е значително под просекот на Европската Унија. Опсегот на здравствените услуги и нивната достапност, особено специјалистичките медицински услуги и нивната географска дистрибуција, според извештајот, се несоодветни.

Од ЕК потсетуваат дека медицинските работници продолжуваат да го напуштаат јавното здравство за приватниот сектор или за да работат во странство. Се напоменува и тоа дека и покрај постоењето на апликацијата „е-здравство“, упати сѐ уште се даваат на хартија.

Националната легислатива за контролата на тутунот била во голема мера усогласена со Европската Унија, но, како што се подвлекува, не е системски имплементирана. Пушењето во голема мера сѐ уште е толерирано и несанкционирано во ресторани и други затворени објекти, заклучува ЕК, вклучувајќи ги јавните канцеларии и некои медицински установи.

-Стапката на вакцинација е ниска за некои болести. Зголемени се свеста и бројот на реализирани трансплантации на крв, ткива, клетки и органи, иако правната рамка сѐ уште не е целосно усогласена со Европската Унија и ИТ модулот за трансплантација на ткива сѐ уште не е воспоставен. Усогласувањето со Европската Унија за правата на пациентите во прекуграничната здравствена заштита, сѐ уште не е започнато, се додава во извештајот.

Немало напредок кога станува збор ниту за лекови за луѓе, ниту за лекови за ветеринарна употреба. Со Европската Унија не била усогласена ниту националната легислатива кога станува збор за козметиката.

Зголемено е финансирањето за ретките болести, но, според извештајот на ЕК, недоволно, за да ги покрие трошоците за медицински третман на сите регистрирани пациенти.

Обидите за борба кога е во прашање нееднаквоста во здравството, особено за Ромите и луѓето кои живеат во сиромаштија и оние во оддалечени места, биле спроведени најмногу од интернационални организации и невладиниот сектор, наместо од здравствените власти.

Коментари

Популарно