Вработените од ЈП„ Улици и патишта“ преку писмено соопштение информираа дека се најавува штрајк пред просториите на Град Скопје поради неисплатена плата. Како што велат од таму ова се должи на катастрофалното менаџирање на двоецот Арсовска - Глигоров преку разрешениот директор Ванчо Умленски.
Во соопштението се посочува дека претпријатието повторно како и минатиот месец има сериозни проблеми со исплата на личниот доход на вработените.
Според вработените причините за ваквата состојба се следните:
1. Презадолжување на претпријатието кон добавувачи на материјали во износ од 240 милиони денари;
2. Не плаќање на долгот од страна на директорот, односно градоначалничката, т.е. селективно плаќање на фирми блиски до секретарот и градоначалничката;
3. Сметката е блокирана во износ од 10 милиони денари и извршни решенија во износ од 40 милиони денари кои ќе стапат на сила наредниов период;
4. Во претпријатието нема основни средства за работа како нафта, ризла, тампон, рабници. Причина за ова е не плаќањето на обврските кон добавувачите, а со тоа и испораката на материјалите;
5. Градежни машини и возила што поради погоре наведените причини се со дефекти и не се сервисираат со месеци;
Од страна на вработение се додава дека тие се принудени преку штрајк да го остварат своето право на личен доход и истиот ќе биде пред Собранието на Град Скопје кога вработените ќе дојдат со целата механизација.