МНР со осуда до Костадинов: Злонамерна објава со директен напад на суверенитетот, интегритетот и независноста на нашата држава

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија реагира на изјавите на лидерот на бугарска политичка партија Преродба, Костадин Костадинов.

Во реакцијата на министерството се вели дека неговата објава е злонамерна со директен напад на суверенитетот, интегритетот и независноста на Македонија со која се изразуваат јасни територијални претензии.

„Таквите злонамерни изјави на официјални личности од бугарската политичка сцена се директен напад на суверенитетот, интегритетот и независноста на нашата држава, и истовремено се во директна спротивност со правилата и принципите на меѓународното право, немешањето на државите во нивните внатрешни работи и политиката на градење на добри меѓусоседски односи.

Ваквата недолична изјава на Костадинов, очекуваме од официјална Софија да биде отфрлена како непримерна на духот и времето во кое живееме, европските стандарди кои силно ги почитуваме и спротивно на нашите залагања за обезбедување на траен мир, безбедност и просперитет во Европа и пошироко“, се вели во реакцијата на Министерството за надворешни работи.

Коментари

Популарно