Град што никогаш не спие само менува лице

Во срцето на Европа, Берлин го чека секој патник со отворени врати – полни со историја, култура и изненадувања на секој агол. Сместени бевме во еден од најживописните квартови – Friedrichshain.

Со изнајмен точак што чинеше само 10 евра месечно, почна нашата авантура низ градот од еден поинаков агол – од аголот на слободата, уметноста и урбаната енергија.

Првата дестинација беше легендарната East Side Gallery – најдолгиот преживеан дел од Берлинскиот ѕид, претворен во галерија на отворено. Секоја слика, секоја боја носи порака за мир, слобода и човечка сила.

Не можевме, а да не застанеме пред муралот „The Fraternal Kiss“ – симболот на времето што никогаш не треба да се повтори.

По галеријата, со точаците се упативме кон Alexanderplatz. Тука ја видовме најголемата градба во Германија, телевизиската кула, како и огромниот часовник што покажува време во сите светски метрополи.

Продолжувајќи понатаму неизбежно беше да се застане кај Berliner Dom, чие грандиозно куполесто тело доминираше над паркот пред него. Додека се обидувавме да направиме фотографии, небото се отвори – дождот не изненади, но истовремено нè одведе до нешто уште повредно, Островот на музеите. Простор каде времето мирува. Историски богатства од сите делови на светот, уметност која зборува без зборови, и топлина што доаѓа од внатре – идеално засолниште од дождот.

Попладневните часови ги поминавме во шопинг – кој може да одолее на East Side Mall или Mall of Berlin? Два различни света – едниот модерен и веднаш до нашето сместување, другиот елегантен, со историски дух.

На заминување од Mall of Berlin, застанавме и кај:

Potsdamer Platz – каде небото се огледува во стаклените фасади на модерната архитектура.

Меморијалниот споменик на загинатите евреи

Патувањето го продолживме кај Бранденбуршка порта – симболот на обединета Германија.

Од таму се изгубивме низ зелените патеки на Tiergarten – огромниот парк што го враќа мирот во душата и му дава пауза на секое срце што трча низ градот. Од другата страна на паркот се наоѓа зоолошката градина. Една од најстарите и најпознатите во Европа, со повеќе од 20.000 животни од сите континенти.

Таму првпат видовме панди, а секој дел од градината е уреден така што нуди чувство како да патувате низ светот. Посетата трае со часови, па вреди да се одвои цело претпладне

Највеличествениот момент од денот беше посетата на Reichstag Building.

Куполата од стакло овозможува панорамски поглед кон градот, но и симболично – транспарентност на демократијата. За влез во куполата резервиравме термин на нивната веб страна неколку недели пред доаѓање (посетата е бесплатна).

Вистинскиот ритам на Берлин се чувствува кога ќе зајде сонцето. Градот оживува на еден сосема поинаков начин – во баровите и клубовите каде музиката, луѓето и атмосферата се едно.

Една од највпечатливите ноќи ја поминавме во Watergate, клуб лоциран директно на реката. Стаклените ѕидови, погледот кон водата и светлосните ефекти создадоа вистинска диско магија – незаборавно искуство за сите сетила. Не ни беше дозволено да фотографираме бидејќи на самиот влез ни залепија стикери на камерите од нашите телефони.

За посета на сите овие знаменитости во Берлин има доста поволности, попусти на картите за влез за студенти и пензионери.

Прошетките без план и однапред одбрана дестинација за посета беа најуникатните. Откриваме места, улички, кафичи, пазари и уживавме во пејсажните погледи.

Како совршен крај на оваа аватнтура беше Berlin Light Festival – магично светлосно шоу што ги осветлува фасадите на најважните згради во градот.

Секоја проекција раскажуваше приказна, а градот блескаше како никогаш досега. Ја пратевме рутата и успеавме да погледнеме се што беше прикажано.

Берлин не се гледа само со очите – тој се доживува. Од точакот низ тесните улички на Friedrichshain, до високите куполи на музеите, електронските ритами  и мистичниот шарм на  градот оставија трага во мене што нема лесно да избледи. Ако некогаш имате можност – качете се на точак, следете ги своите чекори и оставете Берлин да ве изненади.

Ј.Т.

Коментари

Популарно