Трето полувреме

Наслов: Трето полувреме

Режија:  Дарко Митревски

Сценарио:  Дарко Митревски, Гргуј Штуриќ

Улоги: Сашко Коцев, Катерина Ивановска, Ричард Самел,

Жанр:

историска драма/ комедија

Времетраење:

113 мин.

Катерина Ивановска оваа година го имаше своето филмско деби во најновиот филм на Дарко Митревски, Трето полувреме (македонски кандидат за Оскар). Приказна за забранетата љубов помеѓу Коста (Сашко Коцев) и Ребека (Катерина Ивановска) за време на Втората Светска Војна, но и приказна за успесите на Рудолф Шпиц (Ричард Самел) тренерот на ФК Македонија кој ќе успее да стигне шампионската титула во Нацистичката фудбалска лига.

Трето полувреме е добар филм. Препознатливиот хумор на Митревски има силно присуство низ целиот филм, како што беше случајот и со неговиот претходник Бал-кан-кан. И овој пат хуморот е фокусиран на добар актер, Сашко Коцев. Се добива чувство дека Коцев малку подобро се снаоѓа со хумористичните делови од филмот, отколку со драматичните, но сепак тој е одличен избор за улогата на Коста. Катерина Ивановска не е најсилниот избор за ликот на Ребека но, претпоставувам дека нејзиниот кастинг се базирал повеќе на изгледот отколку на нејзиниот талент, па публицитетот кој би го донела манекенката како мотив е сосема оправдан. Тони Михајловски исто така на моменти го краде шоуто како Панчо, еден од фудбалерите во клубот, а не смее да се игнорираат ветераните Емил Рубен како полковникот Гавранов или пак Митко Апостолов како Димитрија, претседателот на клубот.

Но, сепак вистинско откровение во актерскиот дел е присуството на Ричард Самел како тренерот Шпиц. Германскиот актер е маестрален, а исто така и ликот кој го глуми. Шпиц со својот професионализам и германска стамина успеал да претвори аматери и „забушанти“ во шампиони, и две сцени се круцијани во претставување на неговиот карактер кон публиката. Прво, сцената во која ќе ги натера фудбалерите и Димитрија да го чистат тоалетот во железничката станица, и се разбира сцената од финалниот натпревар на Градскиот стадион. Митровски преку ликот на Шпиц ни прикажа принцип на работа кој за жал одамна не ни е познат, а кој коинцидентно е најдобрата формула за успех. Сработеното до половина, не е доволно добро и не носи успех.

Депортацијата на евреите, романсата, историските настани од периодот, и самите фудбалските натпревари се соодветно дозирани во развојот на приказната. Не може да не се спомене и кинематографијата од Клаус Фуксјагер која е маестрална но, сепак разочарува музиката од Кирил Џајковски. Таа обично ги следи филмовите во чекор, на моменти доминира, и најчесто е фасцинантна, а тука не се ни приметува. За самиот крај на текстов, за издвојување е една сцена од филмот која е полна со симболика и патриотизам.  Буди носталгија како и таа од филмската класика Casablanca, но сега создадена на „македонски начин„.

Трето полувреме - интернационален траилер:

Коментари

Популарно