Селото Вир рај за кози

Навидум секојдневни женски имиња Моника, Силвана, Весна, Мими, Славица… , но во нашата приказна се однесуваат на кози, што, секако, е невообичаено, нестандардно и отстапува од клишето.

Во стадото на Маја и Сашо Симјановски има и понекој прч – Црвенче, Стаменко, Барон, Вол…

Мајка се вика козата што го носи клопотарецот зашто покажала исклучителна чувствителност кога докрај исчувала болно јаре пред умирање и не го оставила само во ниту еден момент, Сократ е најинтелигентен, со специфичен, филозофски израз на лицето, Ливче јаде само ливчиња, а Пелагонка најмногу сака да се истакнува.

Има и една Маја, како што се вика сопругата на Сашо.

Симјановски се од Скопје, но одлучиле асфалтот да го заменат со планински воздух, со недопрената природа на селото Вир во Поречието.

Сашо отсекогаш сакал да се врати во Вир, од каде што потекнува неговото семејство, но не знаел со што точно ќе се занимава. Првичната определба му била производство на органска храна поради што во 2002 година зел 23 хектари под концесија од општина Македонски Брод. Откако постапката се искомплицирала околу предавањето на површините во владение и се завлекла три години, ја вратил концесијата и се баталил. Потоа, во 2008 година во Преспа со Маја подигнале околу 1,5 хектар лешников насад од кој дури сега, по десет години, го собираат првиот род. Се измачиле многу, вложувале, полевале со кофи, рачно копале, коселе…

Во меѓувреме, Сашо не престанал да размислува што може да направи тука, во Вир, каде што има куќа од дедо му. Денес во неа живее, а дел адаптирал за производство на традиционално козјо сирење.

Потенцијалот на Вир е огромен, а биодиверзитетот ненарушен. Сточарството тука било секогаш развиено, особено чувањето ситен добиток. Тоа, на некој начин, ја наметнало и одлуката.

– Работата беше како и што да се избере, овци или кози. Воодушевен бев кога прочитав колкава млечност имаат козите. Тоа некако беше пресудно. Литературата ми даде импресивна слика, дека млечноста е 500 литри годишно по коза минимум. Баш се прашував зошто луѓето не чуваат кози. По финансиската мини-конструкција што ја направив врз основа на овие бројки, козарството се покажа рентабилно. Одејќи по наведената литража и тогашните цени за предавање млеко во млекарница, беше сосема во ред. Така кон крајот на 2013, почетокот на 2014 година, си најдов стадо што се продаваше на раскрсницата кај Лакавица, кај местото 20-ти километар, раскажува Сашо.

Купил 122 кози, кучиња, ждребе, кобила и неколку овци. За оваа намена зел наменски кредит на седум години од Земјоделскиот дисконтен фонд.

– Најголемиот стрес го доживеав кога ги купив козите и кога влегов во шталата од каде што требаше да ги земам. Дотеран, облечен градски, тие ме гледаат, јас ги гледам. Седнувам меѓу нив и си зборам (им викам): „И сега, што правиме?“ Ниту знам што е прч, ништо не разбирам, се смее Симјановски додека се присетува.

Од купувањето до транспортирањето на козите во Вир поминале пет месеци. Имало некои процедури околу анализите за бруцелоза и здравјето на грлата, но откако биле надминати, дошол моментот кога стадото требало да се пренесе. И тогаш Симјановски имале невообичаена случка.

– За да го донесеме стадото, ангажиравме специјални возила, со кафези. Додека ги товаревме козите беше хорор зашто требаше една по една, а возилото на два ката. Ај, ги качивме некако. Но, по Модриште, возачот на камионот застана и вика: „Не возам повеќе, вадете си ја стоката“. Надвор се смрачува, 18:30 часот. До дома има уште пет километри. Козите не беа ни јадени ни молзени бидејќи така налага транспортот. Можете да замислите. Нејадени, немолзени, уплашени, треба да ги симнуваме од кафези на место каде што првпат доаѓаат, не познаваат ништо. Се стемни. Се растрчаа. Почнавме да се бркаме. Среќа дојдоа луѓе од селото да ги бараме. Не се гледа ништо, ноќе, темница. Посебен проблем беа јарињата, дека мали. Речиси 40 имавме. Тие беа во комбе зад камионот. Едвај некако се прибравме во Вир, накај 22 часот, дури и ги молзевме козите до два по полноќ. Утредента се враќавме зашто некои грла фалеа. Лесно ги најдовме зашто кога се уплашени, седат на едно место, истакнува Сашо.

Козите се личности – интелигентни и чувствителни

Стадото денес има над 200 кози од расите „алпинка“, „анска“, „балканка“… Ги чуваат Сашо и неговиот другар Горан Симовски од Битола, кој имал поим за чување кози колку и Сашо на почетокот.

– Другари сме со Горан 30 години. Мене ми е хоби шахот и тој игра шах. Летото во 2015 година на турнир во Струга направивме муабет сосема случајно. „Што правиш, како правиш, да дојдам? Дојди“. Така Горан дојде и од 2015-та досега уште е тука. Преку цела година е кај нас, а жена му и двете деца се во Битола, вели Симјановски.

Сашо и Горан стануваат секое утро околу пет часот. Веднаш ги молзат козите. Потоа, еден ги потерува на паша, а другиот доаѓа дома да ја сработи претходната тура сирење, од вечерта, но да ја подготви и новата, од пресно донесеното млеко. Тоа трае приближно три часа, до пладне, вклучувајќи миење на потребните садови, крпи, гази… Тој што останува дома има обврска да направи и ручек. Напладне се прибираат козите, следува ручек и одмор до 15 часот. Потоа повторно на паша. Козите се враќаат накај 19.30 часот или кога се стемнува. Повторно се молзат до 21:30-21:45 часот. Кога почнува молзењето, козите сами доаѓаат, сами се редат. Си знаат.

До летото козите се носат цел ден на пасење, од осум до 18 часот, додека има сонце. Лете пасењето е двократно – од утро до ручек и после ручек до вечер. Наесен повторно еднократно. Зиме мируваат зашто условите се неподносливи за пасење. Во август и септември се прчат, од тогаш веќе и млекото се намалува, а потоа и секнува. Крајот на октомври веќе нема млеко. Ноември, декември, јануари и февруари нема млеко.

Постарите раси многу подобро ја искористуваат пашата, поефикасни се. За единица време јадат повеќе, не избираат. „Шишаат“ се по ред иако, според една постара книга „Патот на козата“, козата точно знае што јаде и што од некое растение јаде: врвот, листовите, коренот… Ако треба и 300 метри ќе оди за некое цвеќе и нема да лапне ништо по пат.

Според Сашо, козите не се „скупина ходајучих тревојада“, како што велат Хрватите, туку личности. Секоја од нив има карактер. Многу се интелигентни, емотивни, се врзуваат за човекот дури повеќе од кучињата.

– Некогаш имам впечаток дека ги разбираат и говорните команди. Му го препознаваат гласот на човекот што оди со нив, што ги носи на пасење, слушаат кога ќе има даде каква било наредба или кога ќе им забрани нешто. Повеќето имаат имиња и кога нечие ќе се спомне, таа коза веднаш ја дига главата. Ние, всушност, така им се обраќаме, по име. Дожд не поднесуваат воопшто, никако. Ако врне, сами кажуваат кога е времето за дома. Знаат да дојдат во штала две минути пред невреме. Интересно е што кашлаат и киваат како луѓе. Нежни се физички. Сакаат топло. Кога се мали, многу често умираат ако не е доволно топло, посочува Симјановски.

Органското призводство приоритет

Тој веќе пет години прави козјо сирење, но ориентиран е кон органско. Почнал со помош на некоја жена од Градско, која имала искуство. Во меѓувреме правел модификации, експериментирал.

Производството засега варира, од 2,5 до три тони годишно, а продажбата е главно по пријатели, во Скопје, Неготино и други региони.

Од ова лето и сопругата Маја целосно се вклучи на фармата за да помогне во зголемување на производството. Сака да застанат на нозе постабилно и да го пласираат сирењето како што треба од сите аспекти, а за тоа е потребна, вели, максимална ангажираност.

– Секогаш сакавме да се разликуваме и се обидуваме да направиме нешто автентично, што произлегува од амбиентот. Не да биде којзнае каква технологија, туку баш традиционално сирење направено од нас. Условите го налагаат токму тоа. Објектите се од камен, климата е планинска, ладно е, а тоа и порано било практика, вели Маја, која е инженер по керамика и не знае речиси ништо за кози, но учи тековно.

Поради пашата, која е различна во текот на годината, сирењето никогаш не е исто. Напролет е едно, лете друго, наесен трето. Купувачите тоа го знаат и го прифаќаат, не им пречи.

– Производот мора да се стандардизира и да се запази она што го бараат прописите. Во секој случај, како органски производ и со оваа паша овде, нашето сирење не би требало да се спои во сивилото на секојдневната понуда. Мора да има друг третман независно дали ќе биде со премиум-квалитет. Од друга страна, квалитетот ни е пред се зашто е јасно дека количина не можеме да извадиме. Исто така треба да се нагласи неможноста да го продаваме надвор од Македонија, иако постои интерес за купување. Дојдоа од Србија, Бугарија, цело сирење сакаат да го земат, но како да го извезам кога немам можност зашто е таква регултивата, укажува Сашо.

Предочува и дека млечноста на козите е голем проблем, а и во Македонија, додава, се уште нема репроцентар што би поттикнал продукција на високомлечни кози. Тоа на почеток му бил и најголемиот шок. Според литературата, дневно очекувал по пет литри од грло, а добил 500 грама.

– Државата сега поддржува набавка на високомлечни раси од странство, кофинансира 50 отсто, но многу е битно да се знае што се купува зашто често таквите грла се одгледувани шталски, а тука чувањето е слободно, на отворено, што е многу различно, дополнува Сашо.

И покрај се, Симјановски не се откажуваат. Убедени се дека во Вир имаат перспектива. Планот за в година им е сурутката што достигнува 150-180 литри дневно да се пренасочи во храна за прасиња од кои, пак, би се произведувале традиционални домашни чадени колбаси. Со тоа би се заокружил производниот процес и не би имало загуби.

Едноставноста и скромноста на Сашо и на Маја воодушевува. Спонтани, пријатни за муабет, ненаметливи, без никакви стеги ја раскажаа семејната приказна. Како да се предиспонирани за ваков начин на живот.

– Финансиски можеме да егзистираме, но не е во прашање само тоа, туку и социолошкиот аспект. Голем е јазот меѓу животот на фарма и градскиот, на новите генерации. Не верувам дека младите ќе се пронајдат себеси тука, независно колку и да е голем приходот од оваа работа. Сме ги научиле на сосема друг комфор, додава Сашо.

По разговорот, ручекот на нивната софра и прошетката низ селото, не однесоа кај козите, во планина. Таму беше Горан, а не пречкаа шарпланинците Мечок и Буба што го чуваат стадото.

Во Поречје, според слободна процена, гравитираат 50-тина села со над 1.200-1.300 кози. До Вир патот не е асфалтиран, што им ја усложнува работата на мештаните, особено кога се работи за дотур на храна за стоката. Најпрвото школо е во Македонски Брод, на 25 километри, а и поголема продавница поблиску нема.

ИГОР ЏАМБАЗОВ ДОМАЌИН НА БОЕМИТЕ. МАКЕДОНСКИОТ ШОУМЕН ВО ПОДДРШКА НА МАКЕДОНСКАТА МУЗУКА

Најголемиот македонски шоумен, актер, музичар и уметник Игор Џамбазов им се приклучува со поддршка на нашите македонски музички ѕвезди Сузана Гавазова, Наум Петрески, Миле Кузмановски и Благоја Грујовски кои најавуваат музички предновогодишен спектакл каков што до сега немаме видено. Најголемиот боем - помеѓу боемите, ќе биде домаќин и промотор на Македонската Кафеанска вечер. Со специјално сценарио, Џамбазов концертот на 25 декември со почеток во 20.00 часот ќе ја предводи големата боемска ноќ во СЦ Јане Сандански.

Традиционален македонски амбиент со високи и ниски маси, во кој ќе се служи пијалак, ќе се мези, а се во духот на македонската кафеанска традиција и враќањето на големите градски боеми...

На овој спектакл се шушка дека ќе има и гости кои ќе бидат вистинско изненадување. Целиот проект ќе трае повеќе од 4 часа, а на истиот ќе бидат изведени најпрепознатливите рефрени на македонската музика. За музиката во живо ќе се погрижи најдобриот македонски музички состав Дрим Тим!

Билетите се пуштени во продажба од среда 28.10 преку платформата www.wayin.mk, промотивно по цена од 650 денари.. Едно е јасно, Скопје пред Нова Година ќе гори од убава атмосфера и убави луѓе. Градски, боемски, по наше... Маестро Џамбазов заедно со најдобрите македонски музички имиња...

МАКЕДОНСКИOT КРЕМ – ДЕ ЛА КРЕМ НА КОНЦЕРТЕН ПРЕДНОВОГОДИШЕН СПЕКТАКЛ СО ЕДЕН НЕЗАБОРАВЕН КОНЦЕРТ...

Нашите македонски музички ѕвезди Сузана Гавазова, Наум Петрески, Миле Кузмановски и Благоја Грујовски најавуваат музички предновогодишен спектакл каков што до сега немаме видено. Тие од оваа година, па секоја наредна започнуваат традиција која ќе се памети.

Серија концерти кои ќе бидат предновогодишна традиција за сите љубители на добрата македонска песна. Концертот е закажан за 25 декември со почеток во 20.00 часот во специјално подготвен амбиент во СЦ Јане Сандански.

- Време е за нешто поинакво... Време е македонската музика да ја ставиме во прв план! На 25 декември во Јане Сандански нема да се случи обичен концерт, ќе се случи вечер за паметење, каде што ние изведувачите, придружувани од голем оркестар ќе бидеме едно со нашата публика.

Ќе приредиме традиционален македонски амбиент со високи и ниски маси, ќе се служи пијалак, ќе се мези, а се во духот на македонската кафеанска традиција. Време е да ги вратиме градските боеми – вели Наум Петрески во најава за самиот настан.

На овој спектакл се шушка дека ќе има и гости кои ќе бидат вистинско изненадување. Целиот проект ќе трае повеќе од 4 часа, а на истиот ќе бидат изведени најпрепознатливите рефрени на македонската музика.

- Огромна е возбудата. Се радувам што по многубројните концертни турнеи низ светот, јас и моите колеги конечно ќе се сретнеме со македонската публика, дома. Возбудата е уште поголема затоа што ова не е класичен концерт, туку боемска ноќ каква што Македонија и македонската музика заслужуваат – вели Сузана Гавазова

На 25 декември почнува новото поглавје на македонската музика. Со специјално креирано сценарио, технички можности и оркестар во живо, но и со ексклузивни гости кои ќе бидат дел од Македонската Кафеанска Вечер, салата на Спортскиот центар Јане Сандански ќе биде сведок на нова традиција која организаторите посакуваат да трае со години.

Билетите ќе бидат пуштени во продажба преку платформата www.wayin.mk, а многу наскоро се очекуваат и повеќе детали за настанот.

Јордан Митев по три години повторно на голема турнеја во Австралија

Сиднеј, Мелбурн, Камбера, Перт, Волонгонг…, практично Цела Австралија ќе ужива овој октомври во осумте спектакуларни концерти на нашата музичка ѕвезда Јордан Митев. Сите што добро го познаваат темпераментот на македонскиот автор и музичар не се сомневаа во одличните концерти, но она што малкумина го претпоставуваа беше дека буквално преку ноќ, ќе снема билети… За експресно брзо време беа распродадени речиси сите концерти, пред почетокот на турнејата се очекува да бидe комплетно распродадена цела турнеја…

Ако денот по утрото се познава, по повод 20 години успешна музичка кариера, безброј авторски хитови, песни што се пеат од срце, големиот концертен и славенички спектакл – Концерт на Јордан Митев во Македонија ќе биде шлаг на музичката торта.

Концертот ќе се одржи во претпразничен амбиент, на 26 декември во Спортскиот центар Јане Сандански во Скопје. Под мотото: Две децении љубов, песна и незаборавни хитови Јордан Митев најавува спектакл каков што Македонија не памети. Вечер исполнета со авторски хитови, македонски фолк звуци, игра, песна и незаборавна атмосфера која може да ја приреди само тој. Со голем оркестар и програма за која наскоро се очекува да ги соопшти деталите.

За да не биде како во Австралија, да се бара билет повеќе, картите се веќе пуштени во продажба преку платформата e–ticket, достапни на следниов линк. Онлајн билетите можат да се купат за фан пит зоната, блоковите А и А1, блок 1 и блок 2 и се во прет-продажба до ноември по цена од 500 денари за блокови и 700 денари за фан пит..

Ќе бидат ова убава музичка есен и зима за нашиот Јордан Митев, а уште поубава за неговата најверна публика, било да е таа е во Австралија или во родната Македонија.

Популарно