Рибина чорба
Одберете некое поголемо парче риба или две помали. Ако има во неа икра уште поубаво, ќе ја ставите и неа во чорбата. Рибата исчистете ја, пресечете ја на половина и ставете ја во тенџере со вода на оган, само да ја фати еден клуч, да можете да ја исчистите.
Потоа внимателно исчистете ја од коските. Tаму каде можете, на пр. од долниот дел оставајте поголеми парчиња, не ја ситнете многу. Тргнете го месото настрана. Кромидот изрендајте го и ставете го во тенџерето каде ќе ја варите чорбата.
Таму ставете го и другиот зеленчук. Јас секој од нив го сечкам различно, морковот на тркалца, целерот на ситни коцкички, пашканатот на подолги лентички, лукчето ситно исечкано. Сето ова со малку масло ставете го да се запржи. Потоа турете вода, компирот на најситно изрендајте го и ставете го и него, ставете ја рибата, зачинете и варете се додека не се свари зеленчукот. На крајот прелијте ја чорбата со малку црвена запршка, (ако не ви е доволно густа може и малку брашно да ставите во запршката) и исечкајте го магдоносот. Уживајте, ова ми е една од омилените чорби, особено во зимско време.