Својата проповед за небесното царство, т.е. за блажениот, спокоен и радосен живот, Христос ја започна на свои 30 години и проповедаше 3 години. Но, како Бог тој не замолкна како што секој човек замолкнува со својата смрт, туку и вистински мртов како човек продолжуваше да проповеда на оние што од почетокот на времето и човечкиот род умреа од бодилото на смртта. Велика Сабота е ден на свештен трепет пред Христовото воскресение.
Велика сабота - Обичаи и верувања
Некои, саботата пред празникот, наречена Велика сабота, за празник ја сметаат само додека се во црквата, а потоа може да се работи. На овој ден се прават последните подготовки за празникот, се чисти куќата и се готви храна. Во Мариово жените ги переле појасите верувајќи дека не ќе ги боли половината во текот на годината кога ќе копаат и жнијат. Вечерта, околу полноќ, се оди во црквата каде што секој носи црвено јајце. Во Радовиш носеле и свеќа и зелено гранче или цвеќе, а свеќата запалена од свештеникот ја носеле дома и со неа го запалувале огнот. На полноќ сите присутни со тропарот „Христос воскресе“ три пати ја обиколуваат црквата.
Во црквата се останува за големата литургија, а потоа се причестуваат, се кршкаат со црвените јајца и се омрсуваат. На малите деца во саботата навечер под перницата им ставаат црвено јајце што им го даваат утрото во неделата кога ги водат во црквата.
Велигденски песни
Оро ми играле триста самовили
В е л и г д е н с к а о д П р и л е п
Оро ми играле триста самовили,
на врв на планина, на рамна рудина;
Оро ми играле мевтера немале,
мевтера дочуле, дури град Битоља.
„Кого да пушчиме мефтера да земит?
Ај да пушчиме Ѓурѓа самовила
Ѓурѓа самовила на крајна девојка,
таја брго одит и брго доодит.“
И ми ја пушчиле Ѓурѓа самовила,
Ѓурѓа самовила на крајна девојка.
Дваш ми је трепнала, треќи пат летнала;
та ми је отишла дури град Битоља.
Там си го најде Дима ке је ручат;
По тил го удрила, з’би испаднале,
в глава го удрила очи искокнале,
и ми го донесла на врв на планина,
на врв на планина на рамна рудина.
Тогај говореше стара самовила:
„Свири, Димо, свири, ако нам натсвириш,
ќе ти ја даиме Ѓурѓа самовила,
Ѓурѓа самовила на крајна девојка.“
Свирил Димо свирил три дни и три ноќе,
три дни и три ноќе, и ми ’и натсвирил.
И му ја дадоа Ѓурѓа самовила.
И си ја однесе Димо в град Битоља,
и си ја однесе во својата куќа;
И тој си затвори баџи и м’згалки,
и тој си ја држа токму три години,
таја му стигнала едно м’шко дете.
И ми канил кумот да ми крстит дете.
И тогај му рече Ѓурѓа самовила:
„Отвори си Димо, баџи и м’згалки,
сега Димо, нигде веќе не побегвам,
зашчо ја си имам тоа м’шко дете.“
И се измами Димо и си отвори.
Дваш ми је трепнала треќи п’т летнала
и си остаила тоа ма’шко дете,
и си је отишла од ке је та дошла.
Шетал Марко низ гора зелена
(Велигденска од Прилеп)
Шетал Марко низ гора зелена,
шчо ми шетал три дни и три ноќа,
не можит вода да ми најдит
ни да пиет ни да се измиет,
ни за себе ни за брза коња.
Па говори Марко Кралевиќе:
„Варај горо, горо, Димна-Горо!
Камо ти вода да се напијам,
немаш да пијам, ни да се измиам,
да би ми те ветар исушило!
Да би ми те сонце изгорило!“
Димна-Гора Маркое говореше:
„Ајти Марко, ајти добар јунак!
Немој к’лни гора Димна-Гора,
туку к’лни стара самовила,
шчо собрала седумдесет кладенци
да изнесла на врв на планина,
да продаат еден бардак вода,
еден бардак за црните очи.“
Марко ли си с коња говореше:
„Ај ти, коњу, мое мило добро!
Али можиш ти да ме изнесиш,
да отепам стара самовила,
да растурам седумдесет кладенци?“
Коња Марку ли му говореше:
„Потстегни ме с дванаесет колани,
двата ние да се обидиме.“
И му стегна дванаесет колани,
и г’изнесе на врв на планина;
да отепа стара самовила,
и растури седумдесет кладенци.
Од зборникот на Миладиновци.
Лоза Лозана добра девојка
Лоза, Лозана добра девојка,
ноќе месила, дење ми пекла,
на квечерина надвор излегла,
Лозанин татко три кули ѕида,
три кули ѕида, три манастира.
„Лоза, Лозана добра девојка,
да ми поносиш калои, камења,
калои, камења, варје, бигорје.“
Ми е сусрете Турче полјаче:
„Лоза, Лозана добра девојко,
ти не прилегаш чирак да бидеш,
туку прилегаш турска кадана,
турска кадана мене анума.“
„Да ој ти тебе Турче полјаче,
ти не прилегаш полјак да бидеш,
туку прилегаш селски говедар,
селски говедар, таткое свињар.
Од Порече, запишала Вера Кличкова.
Море Дино, тенка Дино
- Море Дино, тенка Дино!
Што си Дино, на ден бела,
на ден бела и црвена,
на ден сиња дур зелена,
или Дино коња шеташ,
или Дено змеј си љубиш?-
Ја Дима им зборуваше:
- Хајде, хајде милни друшки!
Ми пуснала црна јуда,
да си берам малки моми,
малки моми песнопољке,
ја ереге кафалџии. –
Ошче речта не дорече,
зададе се црна јуда,
задимила е, запрашила е,
та е собрала малки моме,
малки моми песнопољке,
ја ергене кафалџије.
Та е собрала малка мома,
малка мома, тенка Дина.
Велигденска песна од Серскиот крај, запишал Стефан Верковиќ.
Лудите са умните, а умните са лудите
Трна Исус Христос да патува во Витлеем за Назарет. На п’тот дека патуваше намери две девојки, п’лние вода на една чезма. Тој дојде до кај чезмата, таму, му вели Исус Христос:
- Девојко, девојко, дај ми мало вода да се напија.
- Не си слеп, слези, - му вели, - пиј, - на Исус Христос, девојката.
- О, -вели, - ти не си добра девојка – му вели, - слеп ме напрви на мене, слези пиј.
Другата девојка му вели:
- Господа, Господа повели од мојот бардак да се напиеш вода.
И тој зема бардакот, се напил мало вода и каза:
- Ва девојка многу паметна, добра, - рече, - а та другата девојка е многу луда - рече – па шо е луда та – рече – не можи да направи семејство, - рече- добро, - рече – ама ќе напрајме нија така, - му кажва на учениците. На таја девојката лошата, - рече – ќе му дајме едно многу мирно момче, таја да лаје кај кучка, тој да ќути и да си направе фамилија – рече.- На таја мирната девојка – рече – ќе му дајме едно лјуто момче, тој да вика, да цика, та да ќути и да си направе фамилија.
- Господа, господа, зашто говориш така, - му веле ученивците, з- ашто говориш така? На лошата девојка да му дајме лошо момче, на мирната девојка да му дајме мирно момче за да можи мирната да си живи добро и лошата , - рече – нека си живи лошо.
- Слушајте, другари, - рече – аку му дајме на мирната девојка – рече – мирно момче ќе се нај мирни двајцата – рече – дома. Аку му дајме, - рече – лудо момче на лудата, - рече – ќе се изеде кај кученишта – рече – и не ќе може да направе фамилија. На мирната девојка ќе му дајме лјуто момче, - рече – а на лудата девојка – рече – ќе му дајме мирно момче за да можи да направе фамилија и да си живее добро.
И денденес и јас и бабата, јас сам тро полјут, бабата ми е помирна и си живеиме добро.
Селанинот, Христос, Свети Петар и Архангел Михаил
Едно време еден сирома сељанин се свршил за една девојка и ќе се оженел, туку немал кум, да го венчат. Тој излегол од дома си и тљрнал да барат кум, ама сакал, кумот да бидит прав (справедлив) чоек. Ходеешчем по кум, пљтем го стретил Ристос, го поздравил и му рекол:
- Помози Бог!
- Дал ти Бог добро! му одгоорил сељанинот.
- Су здравје така? - го опитал Ристос.
- Одам да си барам кум - одгоорил пак сељанинот, - сум се свршил и овје дни сакам да се женам, а си немам кум да ме венчат, и сакам кум прав чоек.
- Ајде - му рекол Ристос, - не ме сакаш јас да ти бидам кум?
- Кој си ти? - го опитал сељанинот.
- Ја сум Исус Ристос - му рекол.
- Не те сакам тебе! - одгоорил сељанинот. - Ти си Ристос, син Божиј, сам Господ, ама не те сакам, зашто не си прав: на едни им даваш немерено богатсто, а пак друѕи и остааш да умирает од глад. Ти не си прав, та затоа не те сакам, јас сакам прав чоек. Го заминал него и си тљрнал пљтот.
Потамо го сретил св. Петљр. И тој го поздравил и го опитал кљде ојт. Сељанинот и нему исто така му одгоорил, оти барал кум да го венчат, ама сакал кум прав чоек. И свети Петљр исто така го опитал дали не сакат да му се сторит кум тој. А сељанинот, откако го опитал и него кој е тој и чул оти бил свети Петљр и нему му рекол:
- И тебе не те сакам, зашчо ти си - му рекол - свети Петљр: ти држиш кључојте на рајот, ама едни и пушчаш да влезеет, а друѕи не пушчаш; та и ти не си прав чоек.
Потамо го стретил Аранѓел Михаил и го поздравил:
- Поможи Бог побратиме! - му рекол.
- Дал ти Бог добро! - му одгоорил сељанинот.
- Су здравје вака? - го опитал Аранѓел.
- Барам кум, да ме венчат, ама сакам кум прав чоек - рекол тој.
- Не ме сакаш мене, јас да ти бидам кум?
- Кој си ти? - го опитал сиромаијот.
- Јас сум Аранѓел, не ме познааш? - му одгоорил.
- Ха! Ти си Аранѓел, шчо земаш душите. Тебе те сакам, зашчо ти никому атљр не глеаш, - ти секому земаш душата. - И така Аранѓел Михаил му се сторил кум и го венчал. Откако го венчал, му рекол:
- Чунки ти ме чести со кумсто, јас ти даам ова шише со вода (и му дал едно шише полно со вода), та со него ќе се обогатиш и не ќе бидиш како досега сиромах.
- Како ќе се обогатам со шишево вода? - го опитал сиромаијот.
-Еве како - му рекол Аранѓел, - кога ќе се поболит некој од каква да је болес, ти да хојш да го попрскаш со водата и тој ќе оздрајт. Тога оздравенијот ќе ти платит. Така секој, шчо ќе се поболит, ти ќе го оздравјаш и тије ќе ти плашчеет. Ќе се сториш хеќим, та така ќе се обогатиш!
Сељанинот не можел да разберит како со едно попрсквење со вода ќе оздра'ел болен чоек, та пак го опитал анѓелатаго:
- Како ќе оздра'ел болен чоек од каква да је болес, саде со едно попрсквење.
- Еве, како - му рекол анѓелот, - кога некој болен ќе го попрскаш со водата, јас не идам да му земам душата; тој не умират, и ето како ќе станит.
Откако му расказал тоа ангелот, си ошол.
Сиромаијот седне со шишето вода лекфел болни од секаква болес и и оздравјал. Се прочул секљде. И така во малу време се обогатил ногу.
По неколку време му текнало да го викат Ангелатаго на гости. Го викал и тој му дошол. Не поминало ногу време, Аранѓел, и тој ќе го викат на гости, и го викал. Збогатенијот сељанин ошол на гости у ангелот. Овој го внесол прво во еден сарај како царски; второ го внесол во друѕи сараи, ушче поубај од првијот, облеани с# со злато и со бесценети камења. Најседне го однесол на едно многу широко место, кљде шчо било полно с# со свешчи запалени, многу високи, како некои јасики и како некоја корија, свешчи до свешчи, едни загорени, друѕи дополу изгорени, а друѕи пак ушче малку да догореет. Сељанинот се почудил шчо ќе бидет аџаба тије толку свешчи и го опитал:
- Зашчо онака едни свешчи се загорени, друѕи дополу изгорени, а друѕи пак, ушче малу да догореет?
Ангелот му рекол:
- Свешчите кажвеет чоечка живот: за секој чоек имат по една свешча. Онје свешчи, шчо се загорени сега, тије се од тије луѓе, шчо се родиле сега бргу, од децата; а онје, шчо се дополу изгорени, тије се од луѓето шчо втасале до сред живвотта си; а пак онје шчо се гледеет на догорвење, тије се од луѓето шчо им је близу смртта. Јас кога да видам некоја свешча да догорит, тога ходам и му земем душата на чоека, шчо му догорела свешчата.
На сељанинот тога беше му се родило дете. Тој го опитал Ангелатого:
- Која је мојата свешча?
Ангелот му показал една свешча, шчо имала ушче тројчка за догорвење, колку полојна лакот. Седне пак го опитал:
- Ами свешчата на детето мое, која је?
Ангелот му показал една свешча многу висока, колку една јасика и шчотуку била запалена и загорена. Кога видел оту свешчата негоа била на догорвење, а од детето му толку висока и шчотуку загорела, сељанинот му рекол на ангелот:
- Немојш некако да сториш, мојава свешча да бидит на детето, а негоата за мене?
Тогај ангелот му се отпушчил и му рекол:
- Ама каков прав кум бараше ти, кога сам ти не си прав? Како свешчата од детето твоје, шчо се родило вчера, сакаш да бидела твоја, а твојата да му ја дајш на детето? Тоа шчо се родило вчера - да умрит, а ти шчо си живејал толку години, да живиш ушче? Каква је таја твоја прајна?
И така го истерал оттамо и потем неколку дни ошол, та му зел душата.