Колку Македонци исчезнаа кога Тамара ја „згреши“ химната?

Ретко ми се случува да пишувам 3 пати за волку кратко време, но нема смисла да чекам недела дена, кога мотивацијата е тука. Да, тема повторно е интонацијата на химната од страна на Тамара, но овој пат пејачката не е главен лик, т.е. главна тема на текстов во продолжение. За Тамара веќе пишував, повеќе пати од доволно. Она и ДунаФка, тие се. Не дека се на исто место во моето „срце“, но ете ја имаат таа моќ да ме мотивираат да куцам.

Ок, сега за темата. Деновиве прочитав многу статуси и две колумни од лектори, на тема лажен или „интернет“ патриотизам. Се започна, со еден статус на Миа Костова, во кој посочената, во една граматички неточна реченица, пишана на латиница ги навреди сите кои ја критикуваа Тамара. Во ред, ништо повеќе и не можам да очекувам од „ПлејБојка“ со највиснатите гради што некогаш го „краселе“, макар и балканското издание на списанието. Не знам јас кој фактор е момата и зошто некој би ја есапел, освен, ако  не сака да го види презентираното, сега збогатено со силикон, во живо. Поминав низ текстот и се ќе завршеше тука, но вчера Матилда Саздова, инаку лектор, не почести со колумна. Истото тоа денеска го направи и Ружица Пејовиќ. Исто така лектор. Ок, стилот на колумните многу различен, но и двете со истата поента. Не можат неписмени да ја критикуваат Тамара, односно да ја бранат македонштината. Ружица не ја познавам, па нема да и посветам повеќе внимание, но Матилда ми беше омилена професорка во средно. Да, нејзината неспорна убавина сигурно има врска со впечатокот, но не ја паметам само по тоа. Ја паметам како принципиелен човек и професор со етика и правила на работа. Сеуште паметам дел од дискусиите кои сум ги имал со неа, но и ситуациите во кои многу ми помогнала.

Професорке, со цела почит кон вас, колумната ви е ЧИСТА ГЛУПОСТ!

1. Единственото нешто од вашиот текст, со кое ќе се сложам е:

„Не е патриотизам да се ситиш и да си ситен како грашок во говорот на омраза против својот (во стилот „Умри, цркни кучко“, и слични гадости).“

Да, говор на омраза и навреди кон Тамара, нема ништо добро да донесат. Сепак, иако не го оправдувам, можам да го разберам гневот кај народот.

2. „...најодговорно тврдам дека во најголем дел, таканаречените „патриоти“ се најслабите познавачи на македонскиот јазик (секоја чест на исклучоците). Не дај боже, од поголем дел од нив, да слушнеш конструкција на реченица. Уште повеќе да прочиташ напишан збор.“

Ова се дел од најпопуларните критички коментари на статусот на Тамара:

Не се толку неписмени како што тврдите. Од друга страна, ниту статусот на Тамара е граматички идеален, а таа имала три дена да го склопи. Или неа и е дозволено?

3. „Веднаш следуваше извинување. Ама не, не се есапи тоа.“

Во 2013 година, Тамара го има направено истово. Кога новинарите и забележале на грешката, пејачката изјавила дека не направила грешка! Намерно си одбрала кој дел од химната да си го пее! Еден клик ТУКА и ќе ја видите целата изјава.

4. „Тамара не ги спомнала Гоце, Даме, Питу... Па што? Исчезнаа од нашата историја поради тоа? За последен пат се пееше химната? Ќе исчезнеме како народ поради тоа? ... Не видов дека некој од нас Македонците исчезна по пропуштената строфа“

Полека професорке, ќе биде, ќе видите. Секако, ако ова лудило не се спречи, планот за исчезнување на Македонците е преку нашите учебници. Вие бевте професорка, не морам вас да ви објаснува што ќе се случи ако во учебниците по историја Делчев и Илинденците се означат како Бугари или ако учебниците по македонски јазик се променат, па македонскиот јазик стане бугарски. Не, за ова нема да биде виновна Тамара, но напатениот народ сега дува и на јогурт. Уште нешто за горниве реченици. Синоќа кај мене на улица поминаа 2 автомобили со брзина од 200 километри на час. Не згазија никого, не предизвикаа никаква штета. Да го критикувам ова однесување и да барам реакција од надлежните или да чекам да има жртва? Тамара веќе втор пат поминува со 200 на саат. Да чекаме да има жртва? Да чекаме да „исчезне“ некој Македонец?

5. „Таквите луѓе не се нарекуваат ПАТРИОТИ туку негативци, на кои сите им се виновни зашто се незадоволни од себе и од сопствените неуспеси“.

Негативци се тие кои ја критикуваат Тамара за грешка за која се одговара кривично, но вие професорке што критикувате цела група на луѓе, сте...задоволни од себе? Простете, немам намера да ве напаѓам како личност, но да не претеруваме со хипокризија.

6. „Како вистинска Македонка бев горда како јас да сум таму. И знам дека тогаш и мојот народ ги делеше истите чувства.“

Вашето доживување на Евровизија, не можете да го оцените сама како „вистинска Македонка“, затоа што и јас сум „вистински Македонец“, а навивав против Тамара. Поточно, против она „северна“ пред Македонија. Ако, одиме со такви квалификации, еден од нас не е вистински Македонец. Од каде знаете дека „вашиот народ“ ги делел истите чувства? Кој сте вие, кој сме ние?

7. „Да се чуваме меѓу себе и да си го чуваме јазикот за да опстанеме како народ, а не омразата, зашто таа е непријателот број еден за нашето опстојување. Така одиме кон исчезнување и претопување! Не со испуштени стихови...“

Во моментов непријател број еден за наше исчезнување, не е омразата. Омразата не седи на маса со „добриот сосед“ Бугарија и не преговара потполна промена на историјата и идентитетот. Секако, кога пишувам за идентитет, пишувам за народниот, националниот, не пишувам за индивидуалниот. Не седи ниту Тамара, но таа самата прифати да биде естрадното лице на таа политика и за тоа ја плати цената.

Се сложувам дека треба да си го чуваме јазикот, ако сакаме да опстанеме како народ, но најголемиот непријател за тоа не го гледаме на истото место. Да, се сложувам дека е срамота како народ да сме толку неписмени, но тоа се поправа. Она што се одвива при комисијата за историски прашања во Бугарија е на друго ниво! Дали сте ги слушнале барањата на историчарите и лингвистите од Бугарија? Знаете ли дека не признаваат македонски јазик? Сигурен сум дека сте запознаени со темава, па ви бе замолил, да напишете една поинаква колумна. Еден текст од вашата струка и да му објасните на народот дека нашиот јазик е различен од бугарскиот. Можеби ќе им користи и на оние кои се во комисијата, а сигурно ќе ни користи на нас (лажните/интернет) патриотите. Можеби и Ружица Пејовиќ ќе сака да ви помогне, па од сето ова ќе искочи и нешто корисно, место да учествувате во оркестриран напад со цел дискредитација на дел од загрижениот народ. 

За крај, сакам да ви се извинам што и овој текст ќе го потпишам под псевдоним, па нема да ви дадам шанса (можеби) да се сетите на мене.

П.С. Ете, не сме сите патриоти толку неписмени

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно