Груевски вели дека ако имало правна држава, Цаноски ќе бил в затвор

Поранешниот македонски премиер Никола Груевски кој доби политички азил во Унгарија, на Фејсбук му врати на бизнисменот Фијат Цаноски, кој денеска по рочиштето за „ТНТ“ кажа дека ова е оркестрирано од Будимпешта, откако е одлучено предметот да се врати од почеток.

Груевски напиша дека ако Македонија била правна држава, Цаноски требало да биде во затвор најмалку една година и дека својата моќ ја создал со користење на многу слабости.

„Од скромен и непознат релативно мал бизнисмен со мала градежна фирма успеал на некој начин да издејствува дозвола од државните органи да отвори универзитет каде според повеќе сведоштва забележани се случаи каде некои се спремни добро да платат за да дојдат до диплома. Според информациите, се чини незаконската градба му била нормална работа, па и објектот на универзитетот му бил дива градба која успеал и како таква да ја стави под хипотека во една банка за кредит. Ова се работи кои обвинителството ако сака може да спроведе истрага, да ги провери и разоткрие. Подоцна на сцена стапува и силната медиумска подршка преку убедливо најмоќниот медиум во тоа време сопственост на неговиот поранешен сват исто така инволвиран во повеќеслоен милионски криминал за кој подоцна беше во затвор. На крајот моќта ја заокружува и преку формирање партија со која го употребува гласачкото тело за да дојде до пратеничка положба како инструмент за освојување на поголема финасиска моќ и влијание“, пишува Груевски. 

Судијата-поротничка Лилјана Ивановска-Кочковска, која изминатиот период беше цел на закани и јавно препукување помеѓу Кривичен суд и одбраната на обвинетите во случајот „ТНТ“, денеска по втор пат си поднесе оставка, овој пат на самото рочиште по што предметот за насилното рушење на „Космос“ започнува од почеток.

Коментари

Популарно