ГИ БОДРЕА РАКОМЕТАРИТЕ - Ангеловска и Бежовска во Виена беа работно, но отидоа и на трибините

Во Виена отидоа работно, но најдоа време да отидат и на трибините и да ги бодрат македонските ракометари на натпреварот со Австрија, кој, за жал, заврши со неуспех за земјава.

Министерката за финансии, Нина Ангеловска и гувернерката на Народна банка, Анита Бжовска Ангеловска вчера беа на трибините во салата во Виена каде што се играше натпреварот, а од што првата финансиерка објави и фотографија на фејсбук.

Од неа може да се види дека на тимот за бодрење му се придружил и првиот човек на австриската Шпаркасе банка, Глигор Бишев, како и дел од тимовите на Министерството за финасии и Народната банка. 

Инаку, Ангеловска и Бежовска во Виена учествуваа на еднa од најголемите годишни конференции во Централна и Источна Европа од областа на финансиите. Станува збор за Форумот на „Еуромани“, кој по 25-ти пат се одржува во главниот град на Австрија. 

А по поразот на нашата репрезентација министерката Ангеловска на фејсбук напиша дека нема лесен пораз. Таа изрази респект за играта на ракометарите и им порача дека следно е многу повеќе работа и труд. 

„Нема лесен пораз, особено кога притисокот и очекувањата се на високо ниво. Респект за играта и заслужената победа на противникот.

Што е следно е јасно. Многу повеќе работа и труд! Ми беше чест да ги бодриме нашите великани. Во победа и во пораз секогаш тука за вас“, напиша Ангеловска на Фејсбук.

Претходно, министерката учествуваше на првата сесија "Интервјуа со министри" на Euromoney Conferences – The Central & Eastern European Forum 2020, заедно со министрите за финансии од Романија и Унгарија и заменик министерката за финансии од Бугарија.

„Задоволство е да се зборува за економијата и перформансите кога имаме бројки и силни резултати кои тоа го поддржуваат. Покрај економскиот раст, во интервјуто се осврнав и на дигитализацијата и технологиите. Бидејќи цврсто верувам дека тоа е единствениот начин за брз прогрес на нашата земја“, напиша министерката.

Инаку, на форумот учествуваа повеќе од илјада учесници – министри за финансии, гувернери на централни банки, раководители на финансиски институции и инвеститори. 

Коментари

Популарно