Хрватска ќе игра во финале

Во првото полуфинале  на  Европското првенство во ракомет репрезентацијата на  Хрватска успеа да победи во драматично полуфинале во Стокхолм. Хрватите  ја совладаа Норвешка по четири продолженија со 29-28 (23-23) (11-10). Дуелот беше трилер за антологија, по кој легендарниот Лино Червар ќе има можност в недела да го освои единствениот златен медал кој му недостига.

Дуелот започна со наизменични голови, рано исклучување на Дувњак и четири гола во раната фаза на Сагосен. Но, Червар му даде доверба на Мариќ и овој постигна четири гола од линијата од шест метри.

Први се одлепија Хрватите, благодарение на три одбрани на Шего и голови на крилните ракометари. При 5-7 и 6-8 „каубоите“ имаа напад за +3, но погрешија. Сепак, во 19. минута Шего одбрани нов зицер, а Хорват од транзиција погоди за 7-10.

Избраниците на Берге возвратија и Бергеруд со неколку одбрани беше инспиратор на враќањето на Скандинавците. Сепак, во последните секунди од првиот дел Карачиќ го најде Мариќ, кој со петтиот гол во натпреварот донесе +2 на полувреме за Хрватите. 

Вториот дел го отвори Игор Карачиќ со првиот гол во полуфиналето. Следеа два гола на Танген за 12-13, но Скандинавците двапати технички погрешија и Карачиќ и Мандиќ вратија на +3 во 35. минута. Поранешниот вардарец имаше и зицер за 12-16, но Бергеруд чудесно одбрани. Јоханесон и Булеруд постигнаа голови од инвидуални потези  и кога Танген израмни на 16-16, Червар повика тајм-аут. 

Хрватската игра почна да тоне, Бергеруд одбрани зицер, Мамиќ доби исклучување, а Сагосен со шестиот ја врати норвешката предност (17-16). Хрватите пак покажаа карактер и Шего со одбрана и Матановиќ со гол од контра пак донесоа предност (17-18). Норвежаните двапати останаа со човек помалку, Червар го постави Хорват како десен бек, а Матановиќ од крило погоди за 19-20. Следеше исклучување на Хрстиќ и нов гол на Сагосен за ново израмнување (20-20). 

На седум минути до крајот Бергеруд му „скина“ нов зицер на Карачиќ и наместо хрватско, брзо дојде норвешко водство со голот на Булеруд (22-21). Сагосен пак инспирираше, но Ашанин му одбрани седмерец и ја остави својата селекција во игра. Дувњак со петтиот гол, постигнат од чекор, израмни на неполни пет минути до крајот (22-22).  Ѕвездата на Кил со нов гол од голема далечина ја врати хрватската предност. На три минути до крајот Степанчиќ беше исклучен, но Ашанин му одбрани седмерец и на Јондал. Хрватите прокоцкаа напад за финале и Норвешка имаше половина минута за израмнување. Јондал брзо погоди, а „каубоите“ не упатија квалитетен удар во последниот напад и дуелот влезе во продолженија. 

Првиот екстра период започна со гол на Дувњак, но и одговор на Сагосен. Цели четири минути не беше постигнат гол, а Бергеруд делуваше несовладливо на норвешкиот гол. Второто продолжение го отвори Степанчиќ со „бомба“ за 24-25, но ексреспно возврати Сагосен со десеттиот погодок. Хрватите беа брзоплети и Јондал од полуконтра погоди за предност за Норвешка. Хорват не погоди од крилна позиција и Норвешка доби меч топка за победа. Скандинавците не реализираа и Хрватска доби последен напад за реми. Мариќ се избори за седмерец, а Дувњак од седум метри погоди за 26-26 и нови продолженија. 

Шего конечно одбрани клучна топка, а на голот на Хорват возврати Бјорсен. Серија на грешки покажаа дека ракометарите се уморни. Норвежаните го имаа последниот напад, но дирекот ги спаси Хрватите,а им останаа и 15 секунди за победа. Во луд контра напад, Жељко Муса на три секунди до крајот го матира Бергеруд и обезбеди трето финале за „каубоите“ (28-29). 

Најефикасни во хрватската репрезентација беа Дувњак со седум и Мариќ со шест гола, а кај Норвешка се истакна Сагосен со десет погодоци. Феноменален беше Бергеруд со 14 интервенции, наспротив девет одбрани на Шего и Ашанин. Во второто полуфинале  кое е во тек се среќаваат Шпанија и Словенија. 

Коментари

Популарно