Видео: Требаше да заминат од државава па да се „спојат“

„Љубовта нема граници, нема земја родена, и не е важно кај и да си, нека е благословена“... Ова се стиховите од новата авторската песна “Љубовта нема граници” на оркестар “Мераклии“, a токму низ нив е опишана животната приказна на секој од четирите членови на овој состав, кои живеат и работат во Швајцарија. 

Нивните имиња се Оли, Георги, Ане и Ѓорге, тие  се другари и пријатели уште од средношколските денови, меѓутоа  судбината „одлучила“ подоцна во друга држава се вкрстуваат нивните професионални патишта. Сите дипломирани музичари, кои уште додека живееле во Македонија, музиката им била главна преокупација, за да и сега, кога се надвор од нашата земја, успеат да се екипираат и веќе од 2015 година да функционираат како група „Мераклии“ која ја негува македонската народна музика меѓу нашинците во Швајцарија и насекаде во светот. Оваа приказна е доста интересна и несекојдневна, а поддршката која ја добиваат од нашинците во една земја како што е Швајцарија е само поттик повеќе да продолжат со настапите таму, но и со создавањето авторска музика.

„Мераклии“ деновиве престојуваа во Македонија, каде работеа на нов проект во соработка со неколку свои овдешни колеги. Снимија видео за најновата своја песна, но и кавери на повеќе песни како “Седнав да вечерам”, “Ах, ах Ана”, “Наздрави за љубов”, “Како да ти речам мила остани”, “Дајте ми ја Бисера”, како и “Свадбарски чочек” на виолина и промоција на авторската “Љубовта нема граници”. Воедно тие ќе не почестат и со каверите кои ги снимија во соработка со популарните Анета Мицевска и Спасен Сиљаноски…

До излегување на видеото од новата песна „Љубовта нема граници“, уживајте во нивната „Мераклиска“...

Коментари

Популарно