Директорката на хематологија му доделила 3 милиони евра тендерски пари на својот татко!

Три тендери, со вкупна вредност од 185 милиони денари или нешто над 3 милиони евра се доделени во периодот од септември 2017 до мај годинава од Клиниката за хематологија на веледрогеријата „д-р Пановски“, објави денеска Лидер.мк.

Се работи за класична злоупотреба на службената положба, барем така сличните случаи ги дефинираше анти-корупциската комисија, доколку се има предвид дека веледрогеријата е во сопственост на Златко Пановски, татко на директорката на клиниката која ги доделила тендерите Ирина Пановска Ставридис.

На сајтот на Бирото за јавни набавки се прикажани сите три договори помеѓу ЈЗУ Клиника за хематологија и веледрогерија „д-р Пановски“, но документите за две од трите постапки се кријат како најстрого чувана тајна и не е можно да се стигне до нив, веројатно за да не се види како на едната страна е потпишана ќерката, а на другата таткото.

Друг потпишувал во име на Пановска

За да нема потреба договорот да се крие од јавноста, за последниот договор кој е потпишан на 25 мај годинава, директорката Пановска овластила други потписници на страна на клиниката. Па, во договорот стои дека „За медицинскиот директор“, потпишуваат претседателот на управниот одбор Д-р. Мартин Ивановски и Организацискиот директор Маја Деменџиев.

Целата статија на Лидер.мк

Филипче со лоша вест за коронавирусот

Министерот за здравство, Венко Филипче во вечерашното гостување на телевизија Телма предупреди дека граѓаните уште долго време ќе мора да живеат со мерките за заштита од корона вирусот.

-Ова ќе трае. Нема да прекине ни до крај на годината, ни до почетокот на наредната. Има предвидувања дека дури и после вакцината ваквата состојба со корона вирусот ќе продолжи. Некои најнови предвидувања велат дека ќе трае и до 2022 година. Предвидувања од еминентни медицински списанија. Мора да научиме дека треба да живееме носејќи маска и држење дистанца, вели Филипче.

Реисот Реџепи разрешен од функцијата

Со 2/3 мнозинство донесена е одлука за разрешување на Реисот Реџепи од функцијата, јавува репортерот на ТВ21.

„Едногласно донесовме одлука за разрешување на господин Сулејман Ефенди Реџепи од позицијата Рејс Ул Улема претседател на Исламска верска заедница“, изјави Ефенди Шаќир Фетаху.

До подготвување на нови избори, вршител на должноста ќе биде гостиварскиот муфтија.

Одлуката стапува на сила од денеска. ТВ21 известува во живо.

3 починати и 25 нови случаи на Ковид-19 во земјава

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 17 оздравени пациенти.

- Скопје 11

- Куманово 4

- Тетово 1

- Велес 1

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациент од Струга (58г) и пациент од Скопје (47г) и двајцата долго време поставени на механичка вентилација. Во ГОБ „8 септември“ почина пациент од Тетово (41г) хоспитализиран на 19 мај.

Во последните 24 часа направени се 622 тестирања, а регистрирани се 25 нови случаи на ковид-19.

- Скопје 14

- Куманово 2

- Штип 4

- Прилеп 1

- Тетово 2

- Струга 1

- Велес 1

Досега во земјата се направени вкупно 26463 тестирања на ковид-19. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие 251 тест е во рамките на скринингот во градинки и геронтолошки установи. Тестирањата се направени преку Центрите за јавно здравје во Кочани, Куманово и Скопје, а регистриран е еден позитивен случај во геронтолошка установа во Скопје. Досега преку скрининг направени се 2680 тестирања на ковид-19, а регистрирани се вкупно три позитивни случаи на вирусот.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2039, бројката на оздравени пациенти е 1470, на починати е 119, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 450.

Популарно