Тажна вест: Почина Љубе Рајевски

После долгата борба со тешка болест, почина Љубе Рајевски.

Рајевски беше долгогодишен директор и член на Управниот одбор во НЛБ Банка. Љубе Рајевски важеше за еден од најпочитуваните банкари во Македонија, пренесува ТВ21.

Малиот херој кој го преплива Охридското Езеро по номинацијата од ТВ “Алфа” ја доби „Светската награда за млад хуманист“

Сите го нарекуваа „Херојот на Охрид“. Во 2018 година за 9 часа го преплива Охридското езеро. Следната година, Марко пред себе си постави невообичена цел, а тоа е да преплива 64 км долж Охридското езеро.

По препливани 12 километри, Марко мораше да го прекине остварувањето на предизвикот кој си го постави пред себе.

Токму поради неговата исклучителна сила Алфа телевизија одучи да го номинира Марко Пејчиновски за „Светската награда за млад хуманист“, а членовите на интернационалното жири едногласно одлучија ова признание да му биде доделено токму нему.

„Исклучителната сила на неговиот карактер, неговата моќ да ја сподели љубовта со сите, беше основната причина на нашата определба да му го доделиме ова високо меѓународно признание. Неговата волја е исклучителна чест што треба да биде признаена во македонското општество, и нашето Интернационално жири се приклучува во тој голем морален чин. Доделувајќи му го ова признание, Интернационалното жири на „Светската награда за млад хуманист“ го одбележува и со специјалната назнака дека Марко Пејчиновски е всушност интернационална млада надеж за 2020 година.“

Младиот хуманист, испрати силна порака, а таа е следната: Никогаш да не се откажуваме.

Видеото може да го погледнете  ТУКА.

Крушево се подготвува да го одбележи роденденот на Тоше

Крушево се подготвува да одбележи уште еден роденден на големата македонска и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески. На 25 јануари се навршуваат 39 години од неговото раѓање.

Роденденот на Тоше Проески ќе биде одбележан со пригодна програма во спомен-куќата „Тодор Проески“ на 25 јануари напладне.

Во спомен-куќата ќе се одржат и неколку ликовни изложби, а во официјалната програма ќе настапат „Уникат бенд“ и Сара Ристеска, придружена од Габриела Аврамоска. Свои точки во спомен на Тоше ќе имаат и учениците  од средното крушевско училиште „Наум Наумовски Борче“ и од ОУ „Никола Карев“.

На неговото вечно почивалиште на Гумење ќе му биде оддадена почит на Тоше. И овојпат обожавателите ќе го посетат неговото гробно место. Тоше го загуби животот на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Хрватска. Годинава се очекува да напредуваат работите со изградбата на вечното почивалиште на Тоше.

И овој 25 јануари ќе биде во знакот на многупати повторуваната реченица: „Тоше има само ден на раѓање“.

Видео: Живот ли е ова: Мајка и син од Велес живеат во беда и без огрев

Оваа одаја која повеќе личи на пештера отколку на соба, вчера беше местото каде што Велешанецот Јордан Јованов го прослави својот именден и 40 ти роденден. Но, немаше славеничка песна, ниту радост во неговиот дом, oбјави ТВ 24. Јордан нема пријатели. Ниту колеги од работа. Единствениот другар е неговата неподвижна мајка Ангелина, овие четири мувлосани ѕидови и подот кој почнал да се поткопува до земја. Студот е секојдневието за овие луѓе. За да заштедат од дрвцата кои им останале, старото ќумбе го палат попладне. До тогаш, 75 годишната Ангелина седи во ладно. Се грее со термофор и шише топла вода в раце. Јордан го трпи студот. Сиромаштија не е вистинскиот збор да се опише животот на овие луѓе – туку беда.

Мајката и синот живеат со 11 илјади денари, кои ги добиваат од државата како нега и надомест за намалена мобилност. Пред 15 години Ангелина преживеала тежок мозочен удар кој ја врзал за кревет. 

Низ солзи раскажува дека итно му е потребна помош за огрев, оти дрва веќе нема. Сметката му е блокирана, откако пред повеќе години некој го насамарил да му биде жирант за кредит, кој никогаш не бил платен. Ова семејство е вистински тест за државата, која себе си се нарекува социјална. На потег се институциите, кои треба да најдат трајно решение за овие луѓе, но и хуманите граѓани, кои барем малку можат да го ублажат страдањето на мајката и синот од Велес.

Контакт: Јордан Јованов 074 600 659

Популарно