Во првата половина на март се очекува ратификацијата на Протоколот за НАТО во Шпанија

Во првата половина на март се очекува ратификација на Протоколот за членство во НАТО од страна на шпанскиот Парламент, по што во текот на тој месец се очекува Северна Македонија да стане и официјална членка на најголемиот воено-политички сојуз во светот.

Ова за МИА го изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која вчера во Брисел учествуваше  на состаноците на Северноатлантскиот совет, заедно со министрите за одбрана на земјите – членки на Алијансата.

-Според сите информации на шпанските колеги очекуваме ратификација во шпанскиот парламент  во првата половина на март. Тоа значи дека во тек на месецот ние ќе можеме буквално да ставиме печат, да ставиме потпис  и да кажеме дека еден голем напор и еден огромен проект стратешки важен за државата,  го завршивме со успех, рече Шекеринска во интервјуто за МИА.

За евентуалните ризици до нашето извесно полноплравно членство во Алијансата, за законот за ЈО и можноста за негово усвојување и евентуалните последици доколку тоа не се случи, но и за можноста за испраќање наши војници во Ирак разговаравме со министерката за одбрана во интервјуто за МИА.

Рековте дека е прашање на денови, а не на недели или месеци кога Северна Македонија ќе стане полноправна членка. Имате ли денеска подетални информации за шпанската ратификација?

Според сите информации на шпанските колеги очекуваме ратификација во шпанскиот парламент  во првата половина на март. Тоа значи дека во тек на месецот ние ќе можеме буквално да ставиме печат, да ставиме потпис  и да кажеме дека еден голем напор и еден огромен проект стратешки важен за државата,  го завршивме со успех.  Тоа е важна работа за мојата генерација, за нашите генерации и тоа е успех којшто после независноста можеби е резултат број еден за нашата држава.

Има ли било каков ризик од македонска страна нешто да излезе од контрола во однос на нашето полноправно зачленување?

Не очекувам проблеми и не очекувам непредвидени ситуации. Меѓутоа работиме за да не изгубиме ниту еден ден  и да не изгубиме ниту една шанса. Имаше многумина кои претходната година релаксирано велеа се е завршено. Се сеќавам на средби коишто ги имав со вашите колеги  во Брисел пред летото кои стравуваа можеби повеќе од некои други ратификации во други земји.  Се покажа дека нашата проценка навистина била точна, дека единственото можно непријатно изненадување може да ни биде изборниот календар или изборните правила во Шпанија.  Тоа не не спречи да бидеме  на местото каде што се собраа сите светски лидери.  Не не спречи да бидеме присутни на масата во  Лондон и да покажеме дека навистина претставуваме земја која што знае што сака  и знае како тоа да си го оствари.  Работиме буквално за да ги искористиме секој час во денот и секој ден во месецот и затоа се одлучивме на оваа опција Собранието да го ратификува Вашингтонскиот договор и пред шпанската ратификација, да не оставиме вакум, да не оставиме празен простор и да не изгубиме  ниту ден. Дваесет и седум години го чекаме ова. Срамота ќе беше ако тогаш кога ја имавме шансата не ја искористевме веднаш.

Кога ќе се крене македонското знаме во седиштето на НАТО?

Тоа се уште зависи од шпанскиот календар, но како што реков на почетокот, јас би рекла март ќе биде многу убав месец за да бриселскиот или белгиски ветер покаже колку е убаво македонското знаме.

Колкав е ризикот Законот за ЈО да не помине после заканите на опозицијата  за бојкот и доколку тоа се случи постои ли ризик Македонија да не добие датум за преговори во март?

Европските одлуки зависат од европските лидери.  Нашите одлуки зависат од нашите институции. И затоа наместо да предвидувам сакам нешто да порачам. Собранието во Скопје, Собранието на Република Северна Македонија е местото каде што се бијат европските битки. И секој оној којшто барем еднаш кажал ЕУ на камера, и секој оној кој барем еднаш напишал членство во ЕУ во својата изборна програма, треба да знае дека членството во  ЕУ, почетокот на преговори значи одговорност за секој од нас. Ние нашата одговорност како Влада  и како луѓе  покажавме дека ја носиме и дека ги превземаме и ризиците и одговорноста. Опозицијата е на потег. Ако на овој тест, ако на прашањето за кое што постои единство, НАТО, ЕУ, Америка, сите коишто го знаат процесот велат ова треба да го направите,ако на тој тест потклекнат и паднат навистина ќе покажат дека се само продолжена рака на еден бегалец во Будимпешта и дека единствена нивна цел е се уште да го штитат неговиот криминал и корупција.

Дали на овој состанок е разговарано за испраќање на повеќе трупи во Ирак и дали Македонија понуди нешто за тоа?

Ние во последната година во рамките на Јадранската повелба значи Групата на земји од нашиот регион и САД веќе зборувавме за можност да испратиме наши офицери  коишто ќе работат на тренинг дел од мисијата во Ирак. Меѓутоа настаните во Ирак сето тоа го ставија во втор план. Ќе чекаме да ја видиме формалната одлука на НАТО. Според сите предвидувања НАТО ќе преземе еден голем дел од мисиите на коалицијата во Ирак, и ние ќе бидеме подготвени, особено во делот на тренинг, да испратиме наши офицери или подофицери, земајќи го во предвид големото искуство кое што нашата Армија го има не само во Авганистан, туку исто така и во Ирак.

Приватните специјализанти четврти ден на штрајк

Штрајкот на приватните специјализанти продолжува и понатаму. На денешниот, четврти ден од генералниот штрајк, беше изразена осуда за притисоците што ги имаат од клиниките и од постарите колеги специјалисти.

Доктор Христина Илиоска Чешлароска, специјализант по интерна медицина, трета година, рече дека сака да ги охрабри сите колеги приватни специјализанти, да не подлегнат на притисоците од клиниките и да издржат во оваа нивна борба.

– Со оглед на тоа дека Министерството за здравство и министерот немаат слух за нашите барања, односно се изјаснија само за последното трето барање за решавање на нашиот статус, свесни сме и знаеме дека е тоа долг процес и нашиот статус нема така лесно и брзо да се реши, додаде Илиоска Чешлароска.

Таа појасни дека затоа сакале веднаш да се остварат првите две нивни барања, покачување на месечниот надоместок и воведување на здравствено осигурување. Притоа, истакна, дека со оглед на тоа што тие две барања за кои барале итно да бидат решени, не биле решени, тие ќе продолжеле со нивниот штрајк.

-Бидејќи министерот очигледно нема слух и не гледа дека ние штрајкуваме, во понеделник, во пет до 12, пред Министерството за здравство, повторно ќе се собереме на протест, под мотото, „Пет до 12 за македонското здравство“. Со тоа сакаме да упатиме јасна порака до Министерството за здравство и до целата држава. Затоа што, доколку овие 400 приватни специјализанти не ги добијат своите барања, јас сум сигурна дека на половина од нив, веќе, во некој ќош дома им стои куферот и чекаат само да го спакуваат и да заминат, подвлече Илиоска Чешлароска.

На новинарско прашање, таа одговори дека до сите катедри упатиле барање за поддршка. Јавно се заблагодари на професорката од Медицински факултет, инаку од клиниката за ревматологија, што вчера им даде поддршка. (МИА)

Грејната сезона продолжува поради временските услови

АД ЕСМ ги информира потрошувачите приклучени на системот за централно греење со кој управуваат компаниите формирани од АД ЕСМ, како и подружницата „Енергетика“, дека за 18.4.2023 година се создадени услови за испорака на топлинска енергија.

Оваа информација е во согласност со одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ, а врз основа на прогнозираната средна дневна температура на воздухот во Скопје од 11˚С за 18.4.2023 година од Управата за хидрометеролошки работи. Снабдувањето со топлинска енергија во согласност со регулативата по правило се врши до 15 април, но грејната сезона може да биде продолжена до 30 април во зависност од временските услови, велат од ЕСМ.

Конечната одлука за испорака на топлинска енергија во деновите по 15 април секојдневно ја носи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ ако се исполнети условите за снабдување со топлинска енергија, односно доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12°С според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи на РСМ, се додава во соопштението на ЕСМ.

Изнемоштените и болните до полноќ можат да се пријавуваат за гласање на претседателските избори

Изнемоштените и болните лица до полноќ можат да се пријавуваат за гласање на претседателските избори закажани за 24 април.

-Избирачот кој не е во можност да гласа на гласачкото место (немоќно или болно лице) а сака да гласа за тоа ќе ја извести ОИК најдоцна 7 дена пред денот определен за гласање, 16 април, 24:00 часот, се посочува во роковникот на Државната изборна комисија.

Од ДИК информираат дека немоќните или болните лица гласаат во нивните домови еден ден пред денот определен за одржување на изборите.

-Ова гласање го спроведува избирачкиот одбор надлежен за спроведување на гласањето за избирачкото место каде припаѓаат овие лица, на 23 април (вторник), се посочува во Роковникот на ДИК.

Кампањата за претседателските избори завршува на полноќ на 22 април.

Популарно