Се укинува меѓуградскиот превоз, казни за родители до 500 евра

Министерството за внатрешни работи е пред донесување мерка на запирање на меѓуградскиот превоз, како што пренесува Алсат, а истовремено работи на упатство за употреба на огнено оружје од страна на војската, во интерес на државата и нејзините витални предмети.

Бројот на граѓани во самоизолација и карантин е 10100. Евидентирани се 81 случаи на непочитување на полицискиот час синоќа.

За непочитување на забраната на движење на младите до 18 години ќе има одговорност за родителите. Казните за родители чии деца ги кршат ограничувањата во движењето ќе се движат од 200 до 500 евра.

Бројот на лица што влегуваат и ја напуштаат земјата се зголемува. Споредено со претходниот ден, бројот е двојно зголемен за државјаните кои влегле во земјата на 860, додека бројот на излегувања исто така е зголемен, на околу 843.

Поради контакт со лице позитивно на коронавирус медицинските лица од Штип се во самоизолација

14 медицински лица вработени во штипското Инфективно одделение се ставени во самоизолација, по наредба на здравствен санитарен инспектор, откако е утврдено дека имале контакт со 80-годишна пациентка, чиј втор тест покажал дека е позитивна на корона вирус.

Возрасната жена била хоспитализирана со негативен прв тест за коронавирус, но нејзината состојба се влошила и земениот брис покажал присуство на Ковид-19

Директорот на штипската Клиничка болница, Ален Ѓеорѓијев ја информираше јавноста дека од вчера е направена целосна реорганизација на одделението, во кое во моментов за пациентите се грижат еден инфектолог, еден специјализант, а на испомош се очекува да дојде инфектолог од струмичката болница.

Во моментов на ова одделение се хоспитализирани двајца пациенти со средна клиничка слика, кои се позитивни на коронавирус, а остантите се лекуваат во домашни услови и се во секојдневен контакт со инфектолозите.

Во Штип првите случаи на заболени од коронавирус беа потврдени пред дваесеттина дена и се очекува наредната недела Институтот за јавно здравје да информира колку од нив се излекувани.

Ова е деветти случај на заразен со коронавирус во Велес

78-годишен велешанец кој почина ноќта меѓу 31 март и први април бил позитивен на коронавирус, кажаа од семејството на починатиот, кое за тоа било претпладневно информирано од Центарот за Јавно здравје Велес по постхумниот тест. Семејството сега бара да биде тестирано за коронавирус.

Ова е деветти случај на заразен со коронавирус во Велес.  До вчера, во земјава има 430 заболени, од кои 20 излечени и 12 починати.

Случајот со смртта на ова лице беше актуелизиран од семејството, кое реагираше што не добивало можност лицето да биде тестирано, дека не бил хоспитализиран иако бил во лоша состојба, и што службата за итна помош во прв момент одбивала да го пренесе до болница. За сите овие наводи, министерот за здравство Венко Филипче најави дека работи Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

На прашањето дали починатиот и заразен со коронавирус имал контакти со некој од досега осумте заразени од Велес, семејството вели дека не можат да кажат, бидејќи не можеле никого да посочат како можен преносител. Починатиот боледувал од хронични болести. Неговото тело по барање на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Велес беше на обдукција.

Следете ги најновите вести, дневни статистики и совети за како да се заштитите од корона вирусот со новата апликација

Министерот за здравство Венко Филипче на неговиот официјален фејсбук профил информира дека е достапна апликација „КОРОНАВИРУС МК“ за мобилните телефони, која може да се преземе од веб страницата на Владата за следење на најновите информации поврзани со ситуацијата со епидемијата од коронавирусот.

-Сите информации за ситуацијата со КОВИД-19 на вашиот телефон! Преземете ја апликацијата од koronavirus.gov.mk/app – следете ги најновите вести, дневни статистики и совети за како да се заштитите од коронавирусот, пишува на фб статусот на министерот Филипче. 

Популарно