Прејадувањето за празниците може да чини здравје – на што да внимавате

Внимавајте на исхраната за време на божиќните и новогодишните празници

Божиќните и новогодишните празници традиционално се поврзани со богата и калорична трпеза, но лекарите и нутриционистите предупредуваат дека прејадувањето може сериозно да го наруши здравјето. Посебно внимание треба да се обрне на масната и пржена храна, сувомесните производи, тешките месни јадења, колачите богати со шеќер, како и прекумерната консумација на алкохол и газирани пијалаци.

Прекумерниот внес на ваква храна може да доведе до проблеми со варењето, надуеност, киселини, зголемен крвен притисок, покачен шеќер во крвта, како и влошување на хронични заболувања. Кај некои луѓе, прејадувањето може да предизвика и акутни состојби кои бараат лекарска интервенција.

Здравствените експерти советуваат умереност, помали порции, редовни оброци и комбинирање на празничната храна со повеќе зеленчук, овошје и доволно течности, со цел празниците да поминат во добро здравје и расположение.

. Зимата 2025–2026 ќе биде потопла од просекот, но со студени бранови и загаден воздух

Зимата што претстои се очекува да биде за околу еден степен потопла од повеќегодишниот просек, но со повремени студени бранови и изразена временска променливост, покажуваат најновите климатски очекувања. Според анализата на професорите Владо Спиридонов и Ивица Милевски, не се прогнозираат долготрајни екстремни студови, туку претежно умерено топло и динамично време.

Студени периоди со температури под нормалата се најавуваат од крајот на декември до средината на јануари, како и кон крајот на февруари. Во Скопје и Штип средните зимски температури ќе се движат меѓу 1 и 4 Целзиусови степени, додека на планините од 0 до -3 степени.

Според анализата, бројот на мразни денови ќе изнесува од 30 до 55 во низините и од 60 до 75 на планините. Ледените денови ќе бидат релативно ретки во низинските предели (од 5 до 15), но значително почести на планините, каде се очекуваат од 25 до 40 такви денови.

„Студени бранови со температури околу или под нормалните се најверојатни кон крајот на декември до средината на јануари и повторно кон крајот на февруари, но без сигнали за долготрајни или екстремни зимски студови“, наведуваат Спиридонов и Милевски.

Професорите предупредуваат и на зголемен ризик од магла и температурни инверзии во периоди со стабилно антициклонално време. Во вакви услови се очекува значително влошување на квалитетот на воздухот, особено во Скопската, Полошката и Струмичката котлина.

„Во целина, зимата 2025–2026 ќе биде потопла од просекот, динамична и со изразени краткотрајни зимски настани. Главните ризици ќе произлегуваат од временската променливост, кратките интензивни врнежни епизоди, снежните бури во планините и епизодите со многу лош квалитет на воздухот во котлините“, оценуваат климатолозите.

„Тошковски: Системот Безбеден град“ ќе регистрира прекршок при брзина од 57 км/ч во зона со ограничување од 50 км/ч

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја објасни примената на системот за видео-надзор „Безбеден град“, појаснувајќи како ќе се откриваат и евидентираат сообраќајните прекршоци со автоматски камери.

Според Тошковски, камерите нема да прикажуваат прекршок веднаш штом брзината ја надмине дозволената, туку ќе важат исти правила за толеранција како и кај класичните полициски радари. Тоа практично значи дека ако на место каде што е ограничено 50 км/ч, возилото се движи со 57 км/ч, системот ќе регистрира прекршок; додека доколку возите со 56 км/ч, нема автоматски да се констатира прекршок.

Тошковски појасни дека овие правила за толеранција, кои се веќе дефинирани во метролошките регулативи, ќе останат како што се досега и ќе се применуваат и преку „Безбеден град“. Тој додаде дека системот е усогласен со експертски мислења и има цел да обезбеди правично и правно издржано мерење на брзината. 

Министерот најави дека наскоро ќе биде пуштена дигитална платформа преку која граѓаните ќе можат да проверат на кои критични локации се поставени камерите за мерење на брзината и камерите за детектирање на минување на црвено светло, како и да ажурираат контакти поврзани со системот. 

Тошковски исто така наведе дека службените возила ќе бидат исклучок од автоматското регистрирање прекршоци само кога се во оправдани оперативни ситуации, но во други случаи ќе важат истите правила како за сите други учесници во сообраќајот. 

Проектот „Безбеден град“ е дел од пошироките напори за зголемување на сообраќајната безбедност и почитување на правилата на патот, со цел намалување на несреќи и жртви. 

Популарно