Легендараниот македонски фолк пејач Гоце Арнаудов, доби споменик во својот роден град Струмица.

Во малиот градски парк во Струмица во присуство на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски и градоначалникот Зоран Заев синоќа во предвечерието на неговиот роденден беше откриен споменикот на починатата фолк-ѕвезда Гоце Арнаудов, дело на скулпторот Митко Тошев.

Пред присутните љубители на песната на Гоце Арнаудов спомени за соработката со него евоцираа текстописците Ѓорѓи Барбаровски и Огнен Неделковски, композиторите Ванчо Тарабунов и Миле Барбаровски, а членовите на струмичката естрада ги исполнија рефрените од неговите хитови.

Од името на семејството Арнаудови благодарност до граѓаните на Струмица и Македонија упати ќерката на Гоце, Хариета Арнаудова.