Бркотница како на филм: Ограбиле возило во движење, вооружени влетале во куќа...

Минувачи во Велес беа шокирани. Неколку луѓе беа сведоци на вооружен грабеж кој се случил среде бел ден во центарот на градот. Двајца разбојници скокнале врз автомобил на фирма за обезбедување, кој бил во движење и кој бил товарен со поголема сума пари. Од автомобилот крадците успеале да извлечат повеќе кутии кои, според сведоците, биле полни со пари.

veles - 01

Како што раскажаа сведоци, возилото на агенцијата за обезбедување ја намалило брзината во мигот кога наишло на пешачки премин, но во тој миг од страна две момчиња, со качулки на главите, буквално скокнале врз возилото, со пиштоли го искршиле задното стакло и од возилото ги извлекле кутиите со пари. Настанот се случил околу 12.30 часот на улицата „Алексо Демниевски - Бауман“, пред Пензионерскиот дом во Велес. Нападот бил во време кога блиското автобуско стојалиште било полно со ученици, кои чекале превоз за дома.

Драмата не завршила со грабежот. Разбојниците се вдале во бегство, кое не им тргнало од рака, па не успеале да го напуштат градот. Сакале да избегаат со комбе, кое ги чекало. Луѓето кои седеле во блиската кафетерија го виделе комбето како дошло и по десетина минути набрзина се упатило кон излезот од паркот.

Очевидците раскажуваат дека колата не сакала да запали. Тие се упатиле кон една куќа со фантомки на главите. а имале и пиштоли. Таму биле фатени од полицијата. СВР Велес го потврди случајот.

- Две непознати лица со закана со оружје извршиле разбојништво над вработени во „Перпетуум Мобиле“ кои со патнички автомобил вршеле достава на парични средства. Сторителите ги земале кутиите во кои биле паричните средства, ги ставиле во нивниот патнички автомобил и се упатиле кон крстосницата кон Башино Село. Полициски службеници веднаш излегоа на лице место, пронајдено е возилото со одземените кутии, по кратко лишени се од слобода две лица за кои постојат основи на сомнение дека се можните сторители - соопшти Анита Стојковска, портпарол на СВР Велес.

извор:Телеграф.мк

Коментари

Популарно