Емил Стојменов повеќе не е сопственик на Канал 5 Телевизија. Стојменов ја потврди информацијата дека Телевизијата има нов сопственик, но не откри кој го купил медиумот кој досега беше во сопственост на Семејството Стојменови.
-Телевизијата е продадена, но не на човекот за кој пишуваа некои од медиумите, утрово изјавил Емил Стојменов за Нетпрес.
zase.mk, повикуваќи се на свои извори, објави дека Турскиот милионер, Сердар Салик, дечко на Натали Грубовиќ е новиот сопственик.
Денеска пак, дел од медиумите објавуваат ново име. Како нов сопственик на Канал 5, се споменува Вања Гавриловски, директорот на печатницата „11 Октомври“. Тој е близок пријател на семејството Стојменови.
Од таму и сомневањата дека може да станува збор само за фиктивна промена на сопственичката структура на Телевизијата. Но и во тој случај Стојменов ќе мора да плати данок на вредноста на која ќе биде проценета телевизијата.
За колку пари ја продал, Канал 5, Стојменов засега не открива.
В понеделник, СРД на седница ќе разгледува дали, ТВ СИТЕЛ, КАНАЛ 5 и Радио КАНАЛ 77, се усогласени со членот 11 од законот за радиодифузија.
