Скопјанец го тепал двегодишниот син до онесвестување, а потоа ја претепал мајката

Татко си го тепал двегодишниот син до онесвестување по што ги заклучил другите деца во соба, а ја претепал и сопругата кога сакала да им помогне. Детето е задржано во болница на лекување, а татко му е приведен во полиција.

Нов случај на семејно насилство во Скопје открива полицијата во утринскиот билтен. Станува збор за 47-годишен Скопјанец Ф.С. против кој е поднесена кривична пријава од страна на Секторот за внатрешни работи Скопје до Основното јавно обвинителство во Скопје. Според полицијата, тој извршил две кривични дела – телесни повреди во вршење семејно насилство, казниво по член 130, став 2 од Кривичниот законик на Република Македонија.

Скопјанецот на 8 јули годинава во семејниот дом, во алкохолизирана состојба, физички ги нападнал својот двегодишен син и сопругата Ѓ.С. и им нанел телесни повреди. Додека сопругата била на работа, таткото физички го нападнал двегодишното дете по што тоа се онесвестило.

Како што информира полицијата, околу 18.30 часот мајката дошла од работа и ги затекла своите четири малолетни деца заклучени во соба. Во моментот кога нејзиниот најстар син (9 години) ја отворил вратата, скопјанецот физички ја нападнал сопругата. Таа успеала да избега во собата кај децата, кои кажале дека татко им ги тепал сите, а најмногу најмалиот брат.

Набргу мајката со такси-возило го однела двегодишниот син во Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што му биле констатирани телесни повреди и бил задржан на лекување.

Во разговор со полициските службеници Ѓ.С. изјавила дека ова не е прв случај на семејно насилство од страна на Ф.С.. Тој и порано ги малтретирал. Со помош на Центарот за социјални работи на град Скопје другите три деца биле згрижени во шелтер-центар.

На 9 јули во 1.05 часот пријавениот Ф.С. бил приведен  и задржан во полициска станица.

Коментари

Популарно