Засекогаш сама: Сестрата на Тоше со еден коментар покажа како се чувствува по 12 години

Вчера се навршија точно 12 години од прераното заминување на нашата најголема музичка ѕвезда Тоше Проески, па фановите во последниве неколку дена непрестано споделуваа фотографии, песни и раскажуваа спомени поврзани со него.

Дора Проеска не сака многу да се искпонира во јавноста, но на социјалните мрежи често поставува фотографии и комуницира со неговите фанови од целиот регион, па токму вчера на една од објавите откри како навистина се чувствува откако за жал нејзиниот брат засекогаш не напушти. „Засекогаш сама“, стои во коментарите под неговата слика.

Во многу прилики досега имавме шанса да слушнеме дека тие двајца беа премногу блиски, иако честопати поради патувањата и турнеите физички беа раздалечени.

Болката за неговата загуба е најголема кај потесниот круг на семејството, а неговата сестра Дора за „Фокус“ денес изјави дека ништо не е исто без Тоше.

„Животот ни застана и воопшто не е полесно. Ќе кажат дека времето лечи се, но за нас нема лек. Многу тешко се живее без Тошки“, кратко рече Проеска.

Исто така, во Крушево денеска пристигнаа учесниците во ултрамаратонот во чест на Тоше Проески кои беа пречекани од ученици, млади, вработени во институции, угостители, компании и граѓани со рози во рацете.

Розите беа оставани покрај патот при поминувањето на маратонците, а се слушаа песни на Тоше низ целиот град.

Во ултрамаратонот учествуваа 10 учесници кои трчаа во чест на пејачот од Нова градишка до Крушево. Дел од денешниот настан беаше и група од четворица велосипедисти кои со велосипеди ја поминаа истата релација, соопштуваат од општина Крушево.

Со цел да им се заблагодарат на маратонците, како што информираше неговиот пријател Стерули Штерјоски, семејството Проески им подари симболични подароци во вид на крст, слични како оние кои ги носеше и самиот Тоше.

Коментари

Популарно