Обвинителството истражува дали девојче во Гостивар се самоубило поради врски со секта

Се истражува дали самоубиството на 13-годишно девојче од Гостивар е поврзано со секта.

Девојчето од Гостивар пред неполн месец се самоуби, но од обвинителството информираат дека случајот не е затворен, туку се истражува дали девојчето било дел од некоја секта, затоа што дел од доказите укажувале на тоа.

Безживотното тело беше пронајдено во нејзиниот дом на 25 ноември. 

„Иако првичните сознанија непосредно по настанот упатуваа дека се работи за случај на самоубиство, сепак поради определени индиции, истрагата продолжува со испитување на мотивите кои биле причина за смртта. Имено, веднаш по настанот, дежурен јавен обвинител изврши увид на лице место и издаде наредба за обдукција на телото на починатото девојче. При обдукцијата првично беше констатирано дека починатата на себе има и други повреди кои би можеле да упатуваат на нејзина припадност кон секта“, стои во соопштението. 

Јавниот обвинител дополнително издаде наредба за токсиколошки испитувања и за анализа на биолошки материјал, како и наредба за вештачење на телефонот и на комуникацијата преку социјални мрежи на починатото лице. Дополнително, Основното јавно обвинителство Гостивар побара од МВР да изврши проверки и споредба со евентуално слични случаи во државата или надвор од неа, како и да изврши разговори со семејството, пријателите и соучениците на починатата девојка, како и со наставниот кадар во училиштето, соопштуваат од обвинителството.

Коментари

Популарно