ФОТО: Погледнете што прави дел од нашата естрада во самоизолација

Веќе на сите нѝ е добро познато што се случува, дека ситуацијата е сериозна и дека мора да се почитуваат воведените мерки од владата, за што побрзо да заврши овој по малку мрачен период.

И, додека секојдневно слушаме и читаме разни вести, додека стравот можеби нѝ расте и се прашуваме до кога ќе трае целава агонија - Точка исконтактира мал дел од естрадата, за да види како тие го поминуваат овој период.

Воглавно никој не се 'пожали' од седењето дома, веројатно бидејќи на сите нѝ е потребен одмор, време за себе, време за семејството, за неизгледаните серии, за средување на ормарите...

Погледнете како Димитар Атанасовски, Кристина Арнаудова, Бени Шаќири, Андреј и Панчо, Татјана Стојановска и Васил Зафирчев ги поминуваат деновите во изолација, секако, сето тоа проследено со 'фото-докази'.

Димитар Атанасовски

„Времето во самоизолација го поминувам дома (нормално), иако за мене тоа е погубно, бидејќи сум невиден мерач на улици и најтешко ми паѓа што не можам да се движам баш во текот на денот. Единствена утеха во тој дел ми е што барем одам 2 саати на радио и колку-толку менувам положба.

Инаку, во самоизолација најубавото нешто е тоа што имаш време за работи кои си ги заборавил дека сакаш да ги правиш: готвам секој ден како ненормален, средувам шкафови, и најубавото нешто - имам време за играње дома и детски лудории. Од филмови изгледав сè, сега се мислам да почнам да вежбам, зошто кај и да е ќе почнам да се мерам во тони.“

Кристина Арнаудова

„Темпото на живеење го прилагодивме кон новите околности. Не го доживуваме ова како стрес. Да не заборавиме дека живееме во удобноста на нашите домови, додека сè уште има луѓе на светов кои живеат без храна, вода... во воени услови. Дома свириме, играме игри, готвиме заедно, го средуваме домот. Со сопругот си направивме некоја мала импровизирана теретана со импровизирани справи и секојдневно вежбаме.

Еден ден решив да се нашминкам и да се дотерам и отидов да фрлам ѓубре. Не смееме да западнеме во апатија... “

Панчо

„Па не ми е убаво тоа што сум дома како и на сите 99% луѓе. Цел мој живот јас сум научен да живеам помеѓу луѓе и црпам енергија од нив односно ја разменуваме. Исто така ужасно ме нервираат неодговорните и несовесни сограѓани што се прават многу 'умни' и изиграваат 'херои' излегуваат надвор, се групираат, а со тоа само го усложнуваат процесот на завршување на целата оваа ситуација.

'Добро' во целава ситуација ми е тоа што конечно се осеќам одморен и наспан после дооооолги години :)

Пишувам, творам, читам, преслушувам музика, па се надевам дека некои текстови ќе се искористат за следниот албум на ДНК. Како и да е, искрено се надевам дека од оваа цела лудорија ќе излеземе само како појаки и подобри луѓе. А до тогаш #седете_дома и #бидете_кул и преслушате го нашиот live stream “концерт” кои го направивме пред 10-на дена за сите вас кои ви е досадно по дома.“

Васил Зафирчев

„Јас и Беба уживаме во карантин. Со јога, медитација и здрава храна одржувам позитивен дух и висока вибрација.“

Татјана Стојановска

„Одам на работа и затоа одговорноста за самозаштита и заштита на моите колеги, како и моето семејство е уште поголема. Ги преземам сите мерки и ги почитувам сите препораки.“

Бени Шаќири

„Овие фотографии вистински ја отсликуваат мојата секојдневна активност - трчање на кеј. Без спорт нема живот. Ако за нешто е добра целава ситуација, тоа е бавење со џогинг. Она што можеш секојдневно да го правиш без да брзаш никаде - 'натенане', сам. Се подразбира, со прописно растојание од цел свет.

Не би да разглабам за новонастанатата ситуација, ги гледам само добрите страни. Еве, трчањево ми е вистинска страст и уживање. Не трчам за медали и саморекламирање. Трчам за себе и уживам во тоа. Само позитивно, другари.“

Андреј - ДНК

„Никогаш толку време во денот не сме биле заедно фамилијарно, нели обврски - градинка, настапи... Сега сите на куп сме по 24 часа и искрено не ни е досадно. Свириме, пееме, чистиме. Почесто пробуваме нови специјалитети, гледаме серии, документарци и има еден момент од денот кога нè фаќа малку сафра за шеткарање на воздух, ама тоа е... Ќе издржиме - за доброто на сите!“

Коментари

Популарно