Стојанче Ангелов со поддршка до Зоран Заев по објавената „бомба“

Лидерот на „Достоинство“;Стојанче Ангелов, упати поддршка до претседателот на СДСМ, Зоран Заев, по вчерашната „бомба“ во која тој вели „мамето ќе им го е,,м, сите што ќе влезат кај мене во коалиција“, за што потоа во текот на вчерашниот ден изрази каење.

Ангелов вели дека како негов коалиционен партнер до сега не бил изигран од Заев, туку напротив тој иницирал соработка на која инсистирал уште во времето кога не можеше да го добие мандатот за да формира Влада.

„Иако тоа не го баравме од него, лидерот на СДСМ Зоран Заев си остана на зборот. Во периодот пред и веднаш после формирањето на Влада лично тој не' контактираше нас тројцата претседатели на партиите од коалицијата “ВМРО за Македонија“. Во разговорите договоривме различни позиции за претставници на нашата коалиција. Јас влегов во МВР како државен советник во тимот на министерот Оливер Спасовски генералниот секретар на Достоинство стана советник на Премиерот, пензионираниот армиски полковник Благоја Марковски стана советник на Министерот за одбрана, итн. Како Достоинство успеавме да помогнеме при вработувањето во МВР или АРМ на десетина деца на загинати, ранети или други бранители. Добивме и неколку општински советници во локалната власт. Едноставно, можам да се пофалам дека во овие три години имавме солидна соработка со сите нивоа на власт, почнувајки од локалната, преку централната па се до Претседателот на Владата и Претседателот на Државата.

Верувам дека, за разлика од времето кога владата предводена од ВМРО ДПМНЕ и Никола Груевски крајно негаторски се однесуваа кон нас, македонските бранители, нашата добра соработка со владата предводена од СДСМ и Зоран Заев ќе продолжи понатаму. Не само што ќе продолжи туку верувам дека во следниот 4 годишен мандат, нашата соработка со СДСМ и Зоран Заев уште повеќе ќе се продлабочи“, напиша Ангелов во дел од својот пост на Фејсбук.

Заев за вчерашната аудио-снимка вели дека рече дека лошо се изразил во разговорот од 2016 година.

„Но, наспроти тие неколку несоодветни зборови, во изминативе три години стојат на виделина сите добри односи, почит и достојна соработка со сите наши коалициони партнери. Низ конкретни дела секој ден градам човечки и пријателски односи со сите мои партнери и соработници, затоа нашата коалиција постојано расте, затоа нашето мнозинство победува“, објави вчера Заев.

Коментари

Популарно