Латас: Заев е политички глуп, да не е ќе знае дека човек е најлош кога нема што да загуби, јас веќе немам, а тој има

За корупцијата на власта веќе не зборува само опозицијата туку и оние кои се во самата власт. Од Ден Дончев дознавме дека последниве години од Македонија во Швајцарија Фамилијата и нивните извршители на работите изнеле најмалку десет милиони евра во швајцарските банки. За толку знае Ден Дончев.

Како тоа да не беше доволно, слушнавме дека црногорски бизнисмен од Русија на Зоран Заев и генескот на владата Рашковски им исплатил 300.000 евра и “им дал 2.000 квадрати“, секако не без интерес, друже Зоки како премиер да му ги врати барем петодупло. Им платил со пари од Русија.

Петре Шилегов, од градската каса на Скопје, плати 280.000 евра за куќа за пингвини во Зоолошка градина. Еј, 280.000 евра за пингвини, и тоа сред криза и пред избори! И скопјани му ќутат. Ќутете, и шлапкајте со пингвините на Чомбе.

За директорот на Зоолошка, Чомбе, и Петре Шилегов ќарот од куќата за пингвини им е најмалку по еден стан од 100 квадрата, за секој од нив. Ќарија 250.000 евра од пингвини!

Боки 13 поднел кривични пријави според кои парите од рекет завршиле кај браќата Заеви, онака како што Боки и официјално соопшти пред судот. Толку докази за корупција, во само една недела, нема ниту една држава, ниту една власт во светов.

И тие, таквите, на избори ветуваат поштење и работа. Зоран Заев и Оливер Спасовски им се закануваат на судиите дека после изборите ќе ги сотреле. И треба да ги сотрат, никој не поштуе полтрони и извршители откако ќе ја извршат својата функција. Се што Заев бараше од нив, и плус од тоа за секој случај даваа од себе.

Напикаа во затвор 50 луѓе за државен удар кој, замисли, се случил без оружје. А не е државен удар без кворум, со 57 гласа, да смениш легална власт со свечена химна на Албанија. Не е државен удар да смениш име на држава со референдум кој Државна изборна комисија написмено ти го прогласила за неуспешен. Не е државен удар да смениш Устав и избришеш оснивачки акт на државата од АСНОМ после кој остануваш без тапија и основ за државноста.

За обвинителите и судот не е криминал, општо загрозување на животи кога Сашо Тасевски личен, партиски бодигард на друже Зоки и Оливер Спасовски ќе извади пиштол сред Собрание и ќе пука. Кој му дозволил на партиски бодигард да влезе со оружје во собрание. Одговарал ли за тоа и за пукањето во толпа луѓе.

Судиите на Зоран Заев за ова ќутат како зомбија, а спакуваа четири години затвор за насилство и осудија старец кој ја повлекол Шекеринска за коса. Шекеринска, која во тие моменти врши државен удар и насилна промена на власт.

Заев го снимија со ПИ судски мерки како бара рекет, а бара исто како и Боки 13 и адвокатот Димишков, ист е моделот. Но, тоа не е доказ за неговите судии. Ослободен е. Така решил судот. Како што обвинителството реши дека Гугл снимки не се доказ за дивоградбата Цареви кули во Струмица затоа што човекот е пријател на друже Зоки, како брат му бил близок.

Зоран Заев од обвинителите и судиите создаде партали за бришење патос по патот на својата корупција и кариера. Ако случајно задоцнат, помислат дека може и треба поинаку, јавно им се заканува дека ќе ги распушти како распашана банда.

Тие, обвинителите и судиите, се во првиот ред на зомби креатурите од спотот на ВМРО. Ги гледаме со години, ги видовме во Рекет и другите случаи, во рекетите имало и обвинители и судии и нивни, роднински адвокати. Краделе заедно со Зоран Заев, и ние треба да им веруваме дека се независни. Банда влекачи.

Над 200 луѓе, во оваа мала Македонија, се по истраги, притвори, затвори и по судови по барање на Зоран Заев само за тој да дојде и опстане на власт. Кој ги гони, кој ги суди? Катица Јанева од СЈО е во затвор за корупција. Нејзините десет обвинители се пред истрага и судење за неосновано богатење бидејќи без закон меѓу себе си поделиле милион евра над платите.

И, само ова де е, а не е само тоа, може ли таа корумпирана банда од СЈО некого воопшто да обвинува. Не обвинуваат најкорумпираните во државата! Заев и СЈО.

Не куќа за пингвини, утре СДСМ и Шилегов за 280.000 евра ќе ви продадат и куќа за ластовички. Им се погоди ебењето народ, и сега тешко се менуваат улогите.

Кога сме кај СЈО, обвинителите и судот, јас сум тука учесник и сведок. Имам две судења: за даночно затајување и за дивоградба. Никогаш не сум кажал јавно ништо за ова, и за да има јавноста сознание од двете страни еве, накусо, за што се работи.

– Даночно затајување. Суден сум дека сум извршил затајување на данок затоа што сум набавувал опрема за видео, аудио и компјутерска обработка во моја маркетинг агенција. Агенцијата работела, правела видео реклами, форшпани и спотови и имала приход за кој се платил данокот, тоа никој не го спори.

Спорно е, според обвинението, дека не сум имал право на набавки на опрема затоа што Агенцијата немала вработени. За тоа ме судат. Во обвинението нема товарење за фалсификувани документи, нема двојно книгиводство. Секој документ што постои во книговодството е прегледан од УЈП. УЈП има четири теренски контроли и Уверенија дека ни јас ни фирмите не должиме даноци. СЈО не ги признава решенијата на УЈП и Уверенијата дека не должам данок. За Решенијата на УЈП дека не се должи данок не е побарана ревизија, не се поништени… активни се.

Замисли се себе во ова. Имаш фирма, работиш според прописи и со овластен сметководител, за десет години четири пати ти влегле УЈП и издале решенија дека не должиш данок. После девет години ти доаѓа СЈО, ти вика за нас не важат решенијата на УЈП, крив си што си работел според стандард на УЈП.

Истата држава со една надлежна институција со 17 Решенија и Уверенија тврди дека ни јас ни моите фирми не должиме данок, друга државна институција – СЈО тврди дека има даночно затајување. Едно од овие две треба да не постои за другото да има активна важност. Но, кога СЈО и Заев треба да гонат, нема закон.

– Дивоградба. Моите два брата и јас, сме изградиле куќи во Зелениково во кои двајца од нас постојано живеат. Имаме решение за градба и куќите се по закон запишани во катастар. Не постои ниту еден запис од Општина, градежен инспектор или друга институција дека има нешто спорно со градењето.

По пет години од решението за градба доаѓа СЈО и вели: не признаваме решение за градба, си почнал со градење пред решението, имаме снимки од Гугл и те обвинуваме со заканета казна од осум години затвор. Точка.

Поднесуваме шест решенија на Основно јавно обвинителство дека за ова дело не може да се гони по службена должност, туку само по утврдена состојба и решение од градежен инспектор. Така е и според пракса, и според закон, а никој градежен инспектор не утврдил ништо спорно.

Може ли да ве казнат за брзо возење без записник од сообраќајна полиција? На Гугл така виделе. Сите сведоци, од Општината која издала градежна дозвола, преку изведувач на работите написмено и со судско сведочење тврдат дека е градено законски, после издавање на градежната дозвола.

Судот пресудува ослободителна пресуда. Судијката која пресудила не е од листата на СДСМ за таканареченото сваровски судство. Напротив. Заев и СЈО се жалат. Државниот обвинител Љубомир Јовевски, поставен од СДСМ на таа функција дури во трет обид во собранието откако два пати не добил доволно гласови, веднаш по пресудата јавно побара смена на судијката и укинување на пресудата. Пресуди тој.

И сега, бетон елемент. Вишото јавно обвинителство од Апелција бара да се одбие жалбата на СЈО поднесена преку ОЈО Скопје како неоснована. Надлежните над СЈО и ОЈО Скопје написмено потврдија дека ослободителната пресуда треба да се потврди и во Апелација, и со тоа нема основ за жалба од СЈО.

Но, Зоран Заев се потрудил ништо да не заврши надвор од негови интереси и контрола. Во советот на Апелација ја става Тања Милева, сопруга на нивниот партиски функционер во ДИК, Игор Милев, донесена од Велес во Апелација во 2017-та. Со советот во Апелација претседава судијката Татјана Дуковска, еден од јастребите и извршителите на СДСМ и Заев во Апелација, суд кој е најмногу, целсно под контрола на Фамилијата.

Апелација пресудува: без оглед на фактите, пресудата и ставот на Вишото јавно обвинителство пресудата се укинува со налог – да се смени судијата кој пресудата ја донел – со друг судија! Се бара некој од судиите под контрола на Заев и СДСМ.

И тоа не е се. Финале: Од септември почнуваат судења од ново, и за даноците и за дивоградбата. Сменети ми се судиите. За да не му текне на некој судија да суди по закон, па за двата предмети избрани ми се – исти судијки. Да нема ризик за Зоран Заев.

Но, Зоран Заев е политички глуп. Да не е ќе знае дека човек е најлош кога нема што да загуби. Јасно ми е, јас веќе немам, а тој има. И ќе губи едно по едно, се додека постојам.

Доаѓаат избори. Мицкоски си даде рок од шест месеци дека ќе расчисти со корупцијата, особено во обвинителството и судството. Јас, и уште најмалку 200 фамилии, будно ќе следиме што се случува со тоа ветување. Или ќе го исполни, или за нас тој ќе стане уште еден од Фамилијата на Заеви. Јас му верувам на Даскалот.

Колумна на Драган Павловиќ – Латас

Коментари

Популарно