Taжната животна приказна на кралот на поп музиката Мајкл Џексон

Мајкл Џексон почина на 25.06 пред 11 години во неговиот дом, поради предозирање од лекот пропофол на 50-годишна возраст.

Таа вечер, кога почина „кралот на поп музиката“, неговиот личен лекар, Конрад Мареј, му даде моќен анестетик, кој не смее да се користи надвор од болниците, бидејќи го забавува дишењето, отчукувањата на срцето и го намалува крвниот притисок. По смртта на контроверзната sвезда, откриено е дека тој редовно го земал тој лек за да може да спие.

Мајкл беше најголемата sвезда во светот, со над 750 милиони продадени албуми и 13 освоени Греми награди, а истовремено беше чудак, опкружен со луѓе на коишто не смееше да им верува, изобличен од пластичните операции.

Конрад Мареј, 58-годишен кардиолог кој му пресуди со смртоносен коктел, претходно беше ангажиран од Џексон да остане со него шест ноќи неделно за да му помогне да се наспие додека трае напорните подготовки за веќе распродадените 50 концерти за турнејата „This is it“.

Мареј беше добро платен, но и многу алчен лекар. Заборавил на Хипократовата заклетва и наместо да му помогне на својот славен пациент, ставил огромни количини на секакви лекови во инјекцијата, сè додека несреќниот Џексон конечно не заспал засекогаш. Мареј заврши на суд, каде се докажа дека направил 17 сериозни грешки, од кои секоја може да доведе до катастрофални последици.

Мареј доби четири години затвор, одлежа две, а неодамна се појави повторно во јавноста со скандалозни обвинувања против таткото на Мајкл, кој почина од рак на панкреасот на 89-годишна возраст, минатиот месец. На видеото кое некогаш кружеше на Интернет, Мареј тврди дека стариот Џексон хемиски го кастрирал својот син во младоста за момчето да не влегува во пубертет и да мутира, бидејќи со тоа ќе го изгуби неговиот карактеристичен висок глас.

„Џо Џексон е еден од најлошите татковци во историјата и се надевам дека ќе најде искупување во пеколот“, вели Мареј во видеото.

Дека помина низ еден вид пекол со својот татко, самиот Мајкл не криеше. Во документарниот филм „Living with Michael Jackson“, кој беше снимен во 2003 година од страна на Мартин Башир, пејачот опиша како неговиот татко го тепал не само со каиш, туку и со кабел и со сè што ќе му се најде при рака.

“Тој знаеше ме фрли со сeта сила во ѕидот. Лесно ги губеше нервите … Беше многу гадно”, раскажува Мајкл во филмот. Мајката на Мајкл, Кетрин, единствениот сведок, ги сакаше своите 11 деца, но го трпеше насилното однесување на нејзиниот сопруг.

Таткото ја одржуваше дисциплината со тепање, а по концертите исчезнуваше секој пат со нова пријателка. Мајкл се преправаше дека спие додека постарите браќа внесуваа обожавателки во собата и тие го задеваа за ужасните акни. Џо Џексон го стави момчето на хормонска терапија за да го излечи од непријатните мозолчиња, но можеби и за да постигне нешто поважно: одложување на хормоналните промени во телото, што ќе го смени неговиот глас. А, гласот тогаш веќе стана препознатлив.

Коментари

Популарно