Адел си призна дека имала „мерак“ да си пие вино

Пејачката Адел на концерт во Лас Вегас призна дека пиела големи количини алкохол за време на карантинот.

Држејќи чаша вино на сцената, Адел ѝ признала на публиката дека еден ден за време на „локдаунот“, до пладне испила четири шишиња вино.

„Се сеќавам кога дојдов овде за време на карантинот, испив четири шишиња вино до 11 часот наутро. Како и сите ние. Сакав да издадам албум во 2020 година, но завршив дома со алкохол“, рече пејачката пред публиката.

Таа го исклучила алкохолот од својот живот кога почнала да вежба и да се храни здраво, вели таа.

„Престанав да пијам. Тоа е одличен начин да се запознаете себеси – да пиете вода и да останете трезна“, заклучила таа.

Дејвид Џејсон ja запозна ќерката за која не знаел дека постои 52 години

Легендата на „Сплетки“ откри дека има ќерка и внук за кои не знаел дека постојат и во интервју за „Мирор“ тој ја опишува својата радост за новооткриените членови на семејството.

Во ексклузивната вест весникот пренесува дека сер Дејвид Џејсон (83), најпознат по улогата на Дел Бој од култната хумористична серија The Only Fools And Horses („Сплетки“), дознал дека е татко на Аби Харис (52), која има 10-годишен син, Чарли, па така во исто време станал и дедо.

Во интервју за весникот британскиот актер вели: „Малку е да кажам дека бев изненаден“.

„Кога, конечно, ги запознав ќерката и внукот, се обидувам да го надоместам изгубеното време. Мило ми е и се среќаваме секогаш кога можеме“, додаде тој.

Аби е родена во 1970 година откога мајка ѝ Џенифер Хил имала кратка врска со Џејсон. Аби почнала да си претпоставува дека е ќерка на Дејвид кога дознала за нивната врска и кога забележала дека таа и актерот имаат слична форма на носот.

Актерот е во брак со Гил Хинчклиф, со која ја има 22-годишната ќерка Софи Меј. Не им пречи што има дете од претходната врска.

„Мојата сопруга и ќерка ми дадоа голема поддршка и разбирање и ја прифатија Аби и, ѝ посакаа добредојде во семејството“, изјави актерот. Аби ги поминала празниците во нивниот дом во Елесборо.

„Дејвид е многу оптимист. Се чини дека е невозможно да се надополни изгубеното време, но тие мора да дадат сè од себе. Се среќаваат секогаш кога можат. Сакаат да се зближат уште повеќе“, рекол извор близок до актерот.

Принцот Хари тврди дека кралското семејство криело за хакирањето на неговиот телефон

Војводата од Сасекс го обвини кралското семејство дека „без сомнение долго време му криеле информации за хакирање на неговиот телефон бидејќи не сакале да отворат лименка со црви“.

Обвинувањето го изнесе принцот Хари во својата изјава како сведок во случајот за повреда на приватноста против „Асошиетед њузпејперс“, издавачот на „Дејли мејл“ и „Мејл он сандеј“.

Британскиот принц Хари неделава е во Лондон за да сведочи во судската постапка што тој ја поведе против издавачот на двата весника.

На вториот ден од прелиминарното сослушување во лондонскиот Кралски суд на правдата издавачот тврдеше дека дел од случајот треба да се отфрли бидејќи се потпира на документи доставени доверливо до „истрагата Левесон“.

Наводите што ги демантира тужениот се однесуваат на ангажирање приватни истражувачи за поставување уреди за прислушување во автомобили и пристап и снимање приватни телефонски разговори.

Неколку британски медиуми пренесоа дека на вториот ден од прелиминарното сослушување војводата од Сасекс го обвинил сопственото семејство дека не го известило кога станало јасно дека неговиот телефон бил прислушуван.

Тие наводно криеле од него бидејќи не сакале тој да поднесе обвинение. Тој бил принуден да се согласи со правилото наметнато од неговото семејство – никогаш да не се жали и никогаш да не објаснува во врска со односите со печатените медиуми.

Тужба против издавачот на весниците „Дејли мејл“ и „Мејл он сандеј“, „Асошиетед њузпејперс“ – поднесоа, меѓу другите, и Елтон Џон и Елизабет Харли.

Издавачот наводно ја нарушил приватноста на многу познати личности.

Популарно