Инфлуенсер почина од Ковид-19: Тврдеше дека вирусот не постои

Украинскиот фитнес инфлуенсер Дмитриј Стужук, кој тврдеше дека корона вирусот не постои, почина од последиците од оваа болест на возраст од 33 години.

Тој се заразил при престојот во Турција, а како што објави Скај њуз, кога се вратил во Украина бил тестиран и бил позитивен на вирусот, па завршил во болница. По осум дена лекување пуштен е дома, а потоа имал компликации со срцето, како последица од инфекцијата.

Поранешната сопруга на инфлуенсерот, кој промовираше здрав живот, рече дека тој повторно е однесен во болница и тоа во тешка состојба и без свест. Таа вчера објави дека починал.

„Димо повеќе не е со нас, неговото срце не издржа“, напиша Софија и додаде дека зад него „останале само добри спомени, три преубави деца и драгоцено искуство“. Тие двајца се развеле само шест месеци пред тој да се разболи. Имаат три деца, од кои најмладото е деет месеци.

Додека Стужук престојуваше во болница на Инстаграм објави фотографија од болничкиот кревет. Напиша дека еден ден се разбудил во Турција тешко дишејќи, а вратот му бил отечен.

„Сакам со вас да споделам дека се разболев и сакам да ги предупредам сите. Бев меѓу оние кои мислеа дека короната не постои, сѐ додека сам не се разболев. Короната не е само краткотрајна болест и не е воопшто наивна“, напиша тој во објавата каде се гледа како лежи во болнички кревет и прима терапија со кислород.

Коментари

Популарно