МОК доби нов претседател, Даниел Димевски на местото на Васил Тупурковски по 28 години

Даниел Димевски е новиот претседател Олимписки комитет на Северна Македонија по вчерашните избори. Од 1992 година до сега единствен досега беше Васил Тупурковски, кој по 28 години заминува од функцијата.

Поранешниот претседател на Кошаркарската федерација синоќа ја надгласа претседателката на Атлетската федерација на Македонија, Александра Војнеска Зикова, како единствен конкурент.

На изборното Собрание што се одржа во хотелот „Александар Палас“ во Скопје,  Димевски при тајно гласање доби 30 освоени гласа, наспроти два на Војнеска – Зикова, а треба да се каже и дека изборот беше бојкотиран од некои членки. Тупурковски пак го доби признанието почесен претседател на МОК.

Димевски инаку е добитник на највисокото државно признание – Златен медал – Орден за заслуги за Македонија за промоција на државата од областа на спортот. Под негово раководство кошаркарската федерација два пати беше прогласувана за најдобра национална спортска федерација. Добитник е и на престижното признание „ФЕР ПЛЕЈ“, како и признание за исклучително успешно раководење со натпреварувачката комисија на ФИБА Европа.

Најпознат е по најголемиот успех во домашниот екипен спорт – четвртото место на кошаркарската репрезентација на Европското првенство во Литванија во 2011 година, кога тој беше претседател на Федерацијата. 

Во неговата програма ветува Управен Одбор од компетентни луѓе и претставници на реномирани компании, а се планира изградба на Олимписки дом кој ќе биде во функција и за потребите на сите национални спортски федерации како и олимписки спортско-медицински центар.

Коментари

Популарно