Во Венецуела ги обележуваат куќите на заболените од ковид-19

Градоначалникот на градот Сукре, во централниот дел на Венецуела, Луис Дуке, почнал да поставува црвени ознаки за предупредување на куќите на луѓето заболени од коронавирус и се заканил дека ќе ја укине социјалната помош на оние кои го кршат карантинот.

Дуке, претставувајќи ја ознаката во вид на црвен круг прецртан со црвена линија на бела хартија, објаснил дека на тој начин сака да го "заштити народот".

"Овој знак укажува на тоа дека тука има некој заразен со ковид-19 или постои сомнеж дека постои случај на заболување, така што луѓето се предупредени", навел Дуке на видео снимката на Инстаграм.

Тој во изјавата за локалното радио најавил дека бенефициите, како што се помош во храна и гас ќе бидат укинати, ако луѓето не се придржуваат на воведениот карантин поради растот на бројот на случаи на коронавирус, пренесува "Reuters".

Потегот на градоначалникот, кој е член на владејачката Социјалистичка партија на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, наишол на обвиненија за дискриминација.

Адвокатот за човекови права Тамара Суху остро реагирала со објава на Твитер.

"Мораме да го осудиме и да му посакаме добро здравје, за да не мора да се означи себе", напишала таа.

Венецуела се соочува со нов пораст на бројот на заразени по пикот во август.

Во текот на претходниот ден во таа земја регистрирани биле 1.525 новозаразени, а починале 15 лица.

Коментари

Популарно