Во напад во училиште во Tексас убиени 19 ученици и двајца наставници

Најмалку 19 ученици и двајца возрасни се убиени во пукање во основно училиште Роб во Увалде. Осомничениот, 18-годишник Салвадор Рамос, исто така беше убиен од полицијата во грозоморниот чин во основното училиште на 130 километри од градот Сан Антонио. Локалната полиција потврди дека е убиен и наводниот убиец, за кој што се верува дека делото го извршил сам.

На социјалните мрежи осамна видео на кое се гледа моментот кога напаѓачот влегува во училиштето во момент пред да ги застрела невините жртви. Неколку други, и ученици и возрасни, се згрижени поради повреди.

Американскиот претседател Џо Бајден апелира за построги закони за носење оружје и прашува – кога ќе се спротиставиме на лобистите?

Инаку Ева Миралес, вработена како наставничка во училиштето е првата идентификувана жртва. Работела во училиштето 17 години и предавала во четврто одделение. На веб-страницата на училиштето пишува дека таа била мажена за полицаец и зад себе оставила ќерка. Според полициски извори наставничката загинала во обид да ги заштити децата од убиецот кој отворил оган во основно училиште.

Исто така, пријател на Рамос изјавил дека неколку дена пред да го изврши крвопролевањето му испратил фотографии од огнено оружје и кеси со муниција. Неговиот пријател потврдил дека Рамос бил исмеваан постојано поради неговата облеката и финансиската состојба.

Гувернерот на Тексас, Грег Абот, потврди дека Рамос го оставил возилото и влегол во училиштето вооружен со пиштол и полуавтоматска пушка. Сенаторот од Тексас, Роланд Гутиерес, изјави дека Рамос го најавил нападот на социјалните мрежи и дека оружјето со кое го извршил нападот го купил за својот 18. роденден.

Медиумите во САД објавија дека осомниченото лице претходно ја убило баба си пред да се упати кон училиштето. Полицијата соопшти дека неговата баба е хоспитализирана и е во критична состојба. Според бројот на загинати, пукањето во основното училиште Роб е најсмртоносно, уште од 2012 година, кога во основното училиште Сенди Хук загинаа 20 деца и шест други лица.

Коментари

Популарно