Милијардерот кој има 91 година ја остави славната манекенка преку СМС-порака

Светот на познатите и богатите ја шокираше веста дека милијардерот ја напуштил една од најубавите жени во светот.

За сѐ наводно е „заслужен“ Руперт Мардок, кој на прилично суров начин, преку СМС-порака го заврши бракот со Џери Хол, пишува „Дејли мејл“.

Извори блиски до парот велат дека Џери Хол (65) била „шокирана“ од ненадејниот крај на нивните шест заеднички години минатата недела.

Пријателите, меѓутоа, како причина за раскинувањето на славниот пар го наведоа различните начини на живот и фактот дека таа пуши цигари.

Ваквите приказни целосно отстапуваат од претпоставките и коментарите на Твитер дека Џери Хол решила да го напушти Мардок (91) поради неговите години. Но, затоа целосно се вклопуваат во изјавата на поранешниот соработник на овој милијардер, кој рекол дека никој не треба да биде во врска со Руперт Мардок, бидејќи тој во еден момент се свртува против своите љубовници и ги отфрлува.

Џери и Мардок првпат се појавија во јавноста како пар на финалето на Светскиот куп во рагби во Твикенхем, Лондон во октомври 2015 година, каде беше фотографиран како ја бакнува во образ додека таа блескаше од среќа.

Првпат на црвениот тепих се појавија заедно на Златниот глобус следната година, а пријателите тогаш рекоа: „Руперт не може да биде посреќен… Тој е вљубен како тинејџер. Тој изгледа навистина, навистина среќен. Тоа е прекрасна работа“.

Славната манекенка набрзо се иселила од куќата вредна 13 милиони фунти во Ричмонд, југозападен Лондон, каде што живеела откако раскинала со рокерот на „Ролинг стоунс“, Мик Џегер.

Џери и Руперт последен пат биле видени заедно во јавност во Лондон во август минатата година, кога беа забележани како одвоено доаѓаат на вечера, но се претпоставувало дека заминале заедно.

Пријателите велат дека Џери Хол, долгоногата екстровертна Тексашанка, донела многу „рамнотежа“ во животот на Мардок, откако тој со децении се фокусирал на работата.

Но, од објавата на разводот, најблиските се обидуваат да најдат знаци на пукнатини во врската. Еден од присутните на летната забава на г-дин Мардок во галеријата „Serpentine“ во Лондон минатиот понеделник беше изненаден што не ја видел Џери Хол покрај него.

Тој рече: „Мислев дека е чудно што таа не беше таму. Таа е „социјална пеперутка“ и генерално би била на вакви настани. Забележав и дека никој од нејзиното семејство не беше таму, дури ниту нејзините пријатели“.

„Пушам, пијам, сакам вино, сакам да се сончам, пијам кафе. Правам работи што не треба да ги правам“, изјавила Џери за „Good Housekeeping“ уште во 2014 година.

Пријателите откриваат и други детали за сега веќе поранешната двојка.

„За еден 91-годишен старец, Руперт е во одлична форма, но ниту тој не може да ги запре годините. Носи меки чевли и не сака долго да стои и е опседнат со своето здравје. Исто така, неговиот слух станува сѐ послаб“, изјавил пријател на парот за „Дејли мејл“.

„Џери е многу помлада, па сè уште сака да оди на забави и на плажа и сака да се забавува. Не ја забавува да биде медиумска гејша или корпоративна сопруга. Бескрајното патување по светот во авионот на компанијата за да биде покрај Рупер поради некоја корпоративна забава повеќе не ја привлекува како порано“, додал тој.

Џери Хол беше во врска со славниот музичар Брајан Фери, а во долгогодишната врска со Мик Џегер добија четири деца.

Коментари

Популарно