Гери Олдман: Не сакам да глумам кога ќе имам 80 години

Актерот Гери Олдман навести дека ќе се повлече од актерството.

Олдман има долга филмска и телевизиска кариера која му донесе „Оскар“, „Златен глобус“, една САГ и три БАФТА награди.

Но, додека се подготвува да се врати за втората сезона на Slow Horses на „Епл ТВ-плус“, се чини дека актерот можеби ќе ги закачи чизмите во догледна иднина.

Во интервју за „Сандеј тајмс“, во пресрет на новата сезона, Олдман призна дека почнал да размислува за пензионирање.

Имав завидна кариера, но кариерите бледнеат, а имам и други работи кои ме интересираат надвор од актерството. Кога си млад мислиш дека ќе направиш сè, а потоа годините минуваат. Следната година ќе имам 65, 70 се зад аголот. Не сакам да бидам активен кога ќе имам 80 години“, изјави актерот.

Фановите не треба да се грижат бидејќи заминувањето на Олдман од „Бавни коњи“ е прилично далеку. Трилер серијата, која се базира на Slough House – бестселер сага на писателот Мик Херон – го обврзува Олдман на уште најмалку две сезони, тврди „Дедлајн“.

„Бавни коњи“ е приказна за шеф на дисфункционален тим на поранешни агенти на МИ5. Тој очекува агентите да ги напуштат своите здодевни канцелариски работни места, и тие набрзо ќе се најдат во опасна ситуација.

Трилер серијата нуди помалку гламурозен поглед на британските тајни служби и се фокусира на група отфрлени шпиони.

Покрај овој проект, Олдман ќе соработува со Кристофер Нолан на „Опенхајмер“, филм за проектот Менхетен и создавањето на атомската бомба во кој ќе глумат и Силијан Марфи, Роберт Дауни Џуниор, Флоренс Пју, Мет Дејмон, Рами Малек и Емили Блант.

Олдман во филмот ќе го портретира американскиот претседател Хари Труман.

Коментари

Популарно